Илустрација/Фото: Пекселс

Иран ноќеска одби напад со беспилотни летала на воена локација во Исфахан во централниот дел на земјата, соопшти Министерството за одбрана.

-Нападот, кој не успеа, беше извршен со беспилотни летала на еден од комплексите со опрема на Министерството за одбрана – се вели во соопштението и се додава дека во нападот нема жртви.

Како што јави новинската агенција ИРНА, причинета е мала материјална штета „на кров од зграда“.

Министерството соопшти дека системот за противвоздушна одбрана уништил едно беспилотно летало, а дека експлодирале уште две.

-Нападот што се случи во саботата околу 23:30 часот по локално време не предизвика никакво нарушување во работата на комплексот – се додава во соопштението.

Официјален претставник на провинцијата Исфахан изјави дека истрагата за нападот е во тек.

Властите не соопштуваат детали за активностите во целниот објект.