Фото: Принтскрин

Илон Маск, новиот сопственик на Твитер, соопшти дека профилот на Доналд Трамп повторно е активен, откако беше направена анкета на која имаше мало мнозинство за враќање на профилот на поранешниот американски претседател.

„Луѓето кажаа што мислат“, напиша Маск на Твитер, откако 51,8 отсто од 15-те милиони учесници во анкетата гласаа да се укине забраната на профилот на Трамп.

Но, поранешниот американски претседател кажа дека не гледа причина да се врати на Твитер.

„Не гледам причина за тоа“, одговорил Трамп на новинарско прашање дали по анкетата на Маск ќе се врати на Твитер.

Тој тоа го изјавил на панел дискусија по повод годишнина на Републиканско еврејската коалиција, пренесе Ројтерс.

Профилот на Трамп на Твитер беше укинат пред 22 месеца поради ризик за поттикнување насилство, неколку дена откако неговите поддржувачи упаднаа во Конгресот. Неколку месеци подоцна, тој основаше своја социјална мрежа „Трут Соушл“ и вели дека ќе остане таму.