Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска одржа состанок за „специјална проценка на ситуацијата“ со шефовите на војската, Мосад и Шин Бет за напорите да се вратат израелските заложници кои ги држат палестинските терористи во Газа, соопшти неговиот кабинет.
– Ги правиме сите напори да ги вратиме заложниците и целосно да го завршиме тековниот процес за враќање на сите киднапирани жени и деца во Газа. Силите на ИДФ во воздух, море и земја се подготвени веднаш да ги продолжат борбите – се вели во изјавата на Галант.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека по завршувањето на примирјето, Израел ќе ја продолжи офанзивата во Појасот Газа, чија примарна цел е уништување на палестинската милитантна група Хамас.
– Главните цели се елиминација на терористичката група која владее со Газа и враќање дома на сите заложници киднапирани на 7 октомври, рече Нетанјаху во видео-обраќање – пишува денеска „Тајмс оф Израел“.
Израелскиот премиер додаде дека приоритет е да се осигура дека енклавата никогаш повеќе не претставува закана за Израел.
– Последниве денови го слушам прашањето: Дали Израел ќе се врати на борбите откако ќе заврши оваа фаза на враќање на нашите заложници? Мојот одговор е недвосмислено, да – рече Нетанјаху во видео обраќањето.
Израел ги отфрли повиците за траен прекин на огнот во војната во Газа во Советот за безбедност на ОН, пренесе ДПА.
– Секој кој поддржува прекин на огнот во основа го поддржува постојаното владеење на терор на Хамас во Газа. Израел не може да ги заштити своите граѓани со прекин на огнот – изјави денеска израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан пред најмоќното тело на ОН во Њујорк.
Не може да се бара прекин на огнот и во исто време да се тврди дека се бара решение за конфликтот, рече понатаму Ердан, истакнувајќи дека милитантниот Хамас не е партнер за сигурен мир.
– Хамас јавно изјави – сите го видовте – дека ќе го повторува 7 октомври повторно и повторно додека Израел не исчезне. Како вие ќе одговорите и ќе ги браните вашите граѓани од ваква јасна закана, со прекин на огнот – нагласи израелскиот амбасадор.
Ердан продолжи дека може да има крај на насилството само ако Хамас ги предаде сите свои заложници и сите кои учествувале во нападот врз Израел на 7 октомври.