Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска изјави дека повикот на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд да се издаде налог за апсење по него и премиерот Бенјамин Нетанјаху е „срамен“ обид да се ускрати правото на Израел на самоодбрана.
– Обидот на обвинителот Карим Кан да го ускрати правото на државата Израел да се брани и да ги ослободи киднапираните мора целосно да се отфрли – напиша Галант на X.
Тој додаде дека обидот на обвинителот на МКС нема да успее и оти неговата „паралела меѓу терористичката организација Хамас и државата Израел е срамна и одвратна“.
Галант истакна дека „израелската армија води војна во согласност со меѓународното право“ и дека се бори против „непријателот кој изврши злосторства врз жени, деца и мажи на Израел, чии луѓе сега ги користи како жив штит“.
Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан вчера изјави дека поднел барање за налози за апсење поради воени злосторства на највисоките лидери на Израел и Хамас поради нивниот конфликт.
Кан во изјавата соопшти дека бара потерници против израелските лидери Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за злосторства, вклучувајќи „намерно убиство“, „истребување и/или убиство“ и „изгладнување“.