Фото: Фејсбук/Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика европските земји да вложат повеќе напори за поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија, јави ДПА.

– Учеството што другите европски земји досега го најавија за 2024 година уште не е доволно – изјави Шолц во интервју за весникот „Цајт“.

Според него, Европа треба да разговара за тоа колку секоја земја може да придонесе за да може значително да се зголеми поддршката.

– Украина мора да биде способна да ја брани својата територија и тоа не треба да пропадне поради недостигот на противвоздушна одбрана, артилерија, тенкови или муниција. Силно верувам дека Европа треба да направи повеќе за да ја поддржи Украина и да се одбрани себеси – изјави Шолц.

Тој, исто така, се пожали дека Германија добива критики од другите земји-членки на ЕУ за тоа дали нејзината поддршка за Украина е доволна, и покрај големите трошоци за помош на земјата.

– Не ми се допаѓа што постојано ме критикуваат во Германија дека владата не прави доволно и е премногу неодлучна. И ние всушност правиме повеќе од другите земји на ЕУ, многу повеќе. Затоа во моментов разговарам со многу мои колеги и сакам тие да вложат повеќе напор за ова – рече Шолц.