Судирот на блокови што доведе и до кризата во Украина може да биде поголема и долготрајна закана за глобалниот мир отколку самата моментална криза – му порачал кинескиот претседател Си Џинпинг на својот француски колега Емануел Макрон, во разговорот што го имале неделава двајцата светски лидери.
Кина одбиваше да ја осуди Русија поради нејзината воена операција во Украина. Пекинг во неколку наврати ги повикуваше европските земји да искажат дипломатска автономија наместо да им се приклучуваат на САД, што од кинеските власти го нарекуваат „менталитет на Студената војна“.
Во телефонскиот разговор со францускиот претседател, Си изјавил уверување дека Европа треба да има целосна контрола над европската безбедност, информира кинеската државна телевизија. Си искажал надеж дека Франција, која е претседавач со ЕУ, ќе одигра активна улога во промовирање на кинеско-европските врски.
Елисејската палата објави дека Макрон и кинескиот претседател разговарале за војната во Украина и за глобалната прехранбена криза и заедно се согласиле за итен прекин на војната.
– Двајцата лидери го повторија определувањето за почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина – објавија од канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон.

Подготвил: Митко Јовановски