Фото: ЕПА

Растечката кариера на европратеничката Каили, која беше и потпретседателка на Европскиот парламент, почна да опаѓа поради сериозните обвинувања за корупција кога белгиската полиција изврши 20 рации на 9 декември 2022 година, на 19 различни адреси низ Брисел, кои беа поврзани со заговорот. Акцијата заврши со осум апсења во Белгија и во Италија, вклучувајќи ги и апсењето на Каили, нејзиниот партнер Франческо Џорџи и на татко ѝ Александрос, кој беше прв уапсен од полицијата

ПОРТРЕТ НА ГРЧКАТА ЕВРОПРАТЕНИЧКА ЕВА КАИЛИ, КОЈА Е ВО ФОКУСОТ НА КОЛОСАЛНИОТ КОРУПЦИСКИ СКАНДАЛ ВО ЕУ НАРЕЧЕН „КАТАРГЕЈТ“

Грчката пратеничка во Европскиот парламент, Ева Каили, која до неодамна беше потпретседателка на Европскиот парламент, е вмешана во најголемиот скандал досега што го тресе парламентот во Брисел. Неколку пратеници во Европскиот парламент, на чело со Каили, се обвинети за примање мито, корупција и фаворизирање на Мароко и на Катар. Аферата беше откриена минатата година, откако истражителите открија 150.000 евра во кеш што Каили ги криела во својот стан.

Ева Каили е „вооружена“ со исклучително широко и квалитетно образование

Аферата го доби името „Катаргејт“ поради сомневањата дека Каили и нејзините соработници добивале пари од Катар и од Мароко, а за возврат го обезбедувале нивното влијание врз Европскиот парламент. Инспекторите и полицијата во Белгија, Италија и во Грција заплениле 1,5 милион евра во готовина во текот на истрагата.
Каили ја започна својата кариера како новинарка, но брзо се префрли во политиката. На грчката јавност ѝ е позната веќе дваесет години, имајќи предвид дека кариерата ја започна во 2004 година како новинарка и водителка на популарната грчка програма Мега ТВ. По неколкугодишна работа во медиумите, таа одлучи да влезе во политиката, а од 2007 до 2012 година беше пратеничка во грчкиот парламент.
По тоа, таа најмногу се занимавала со работи што вклучуваат јавна служба. Работела како консултантка за јавни работи и во канцеларијата на МВР, каде што била претседателка на Центарот за родова рамноправност.
По неколку години работа за националната влада, видно амбициозната Каили решава да направи чекор напред и на тој начин ја започнува својата кампања за заминување во Европскиот парламент. Од 2014 до 2019 година ја извршуваше функцијата претставник во Европскиот парламент, а во истиот период беше претседателка на Советот за иднината на науката и технологијата, претседателка на Делегацијата за односи со Парламентарното собрание на НАТО и членка на Конференцијата на претседатели на делегации.
По истекот на првиот мандат, следуваше втор, формално сè уште активен до изборите следната година. Овој мандат ќе остане запаметен. Во него, во 2022 година, непосредно пред избувнувањето на аферата, таа стана потпретседателка на Европскиот парламент, а беше и шефица на Советот за иднината на науката и технологијата и на Центарот за вештачка интелигенција од 2019 до 2022 година.
Магистрирала двапати, студирала на Оксфорд и во меѓувреме докторирала.

Како дојде до перипетија за грчката европратеничка Каили

Сепак, растечката кариера на Каили почна да опаѓа поради сериозните обвинувања за корупција кога белгиската полиција изврши 20 рации на 9 декември 2022 година, на 19 различни адреси низ Брисел, кои беа поврзани со заговорот. Акцијата заврши со осум апсења во Белгија и во Италија, вклучувајќи ги и апсењето на Каили, нејзиниот партнер Франческо Џорџи и на татко ѝ Александрос, кој беше прв уапсен од страна на полицијата.
Според информациите, истражителите пронашле куфер со неколку стотици илјади евра со кои тој се обидувал да побегне. Истражниот судија рече дека е „фатена на дело“, поради што на Каили ѝ беше одземен правниот имунитет, што им даде слобода на истражителите да го претресат нејзиниот имот.
Каили има завршено две магистерски студии – архитектура и градежништво и меѓународни и европски прашања. Во меѓувреме ја завршила и Интернет-лидерската академија на Универзитетот во Оксфорд, а во 2014 година докторирала на полето на меѓународната економска политика. Нејзината богата академска и професионална кариера падна во втор план по апсењето минатата година, а сега на виделина излегуваат повеќе детали за нејзиниот случај.
Таа беше најголемата поборничка за криптовалути. Осомничена за лобирање кај Катарците, деновиве Каили повторно го привлече вниманието на јавноста, откако „Политико“ објави дека има нови детали што докажуваат дека високи европски функционери земале пари или подароци од странски влади за да лобираат во Европскиот парламент за возврат. Се претпоставува дека во период од четири години наводно им биле исплатени четири милиони евра на различни функционери за разни услуги. Најчесто станувало збор за услуги за лобирање.