Фото: Принт-скрин

Етиописките бунтовници од регионот Тиграј се согласија викендов да одржат мировни разговори со централната влада во Адис Абеба, се наведува во изјавата на де факто претседателот на овој бунтовнички регион, Дебреција Гебремихаел, јави ДПА.

Владата на Адис Абеба претходно изјави дека е подготвена да учествува во разговорите под покровителство на Африканската унија (АУ), што треба да почнат во сабота во Јужна Африка.

Изјавата на бунтовниците, доцна синоќа, може да ги зголеми шансите за напредок во запирањето на насилството, пренесува германската агенција.

Од август повторно се разгоре сериозниот конфликт меѓу етиопската армија и бунтовниците на Народноослободителниот фронт на Тиграј (ТПЛФ).

Конфликтот избувна во ноември 2020 година. ТПЛФ бара поголема автономија за својата етничка група, која живее во северозападниот дел на оваа северноафриканска земја.

Организациите за човекови права пријавија сериозни воени злосторства и етничко чистење на двете страни, а Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека бројот на луѓе на кои им е потребна хуманитарна помош изнесува околу 5,2 милиони, од популација која брои повеќе од седум милиони.

Бунтовниците од ТПЛФ, додава ДПА, покажаа подготвеност за мировни разговори уште од средината на септември, но оттогаш во регионот се водеа сериозни борби.