Бројот на загинати во силниот земјотрес со магнитуда од 7,8 степени, кој синоќа ги погоди јужните делови на Филипини, се искачи на 37 лица, додека речиси 500 луѓе се повредени, а најмалку четворица сè уште се водат како исчезнати.
Според податоците на националните служби за справување со катастрофи, најголем број жртви има во провинцијата Сарангани, каде загинале 18 лица. Во Џенерал Сантос, градот што беше најсилно погоден од потресот, регистрирани се 12 жртви, додека тројца загинале во провинцијата Јужен Котабато, а четворица во регионот Давао.
Заменик-администраторот на Службата за цивилна заштита, Бернардо Рафаелит Алехандро, соопшти дека се повредени 487 лица. Тој додаде дека земјотресот предизвикал свлечишта, уривање на инфраструктурни објекти и значителни оштетувања на патиштата и мостовите.
Според Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија, по главниот потрес биле регистрирани околу 1.100 последователни земјотреси, од кои најсилниот достигнал јачина од 6,7 степени.
Катастрофата се случи на првиот училишен ден во новата учебна година, при што директно се засегнати повеќе од 3,2 милиони ученици. Како мерка на претпазливост, наставата е суспендирана во над 6.200 училишта додека се спроведуваат безбедносни инспекции на објектите.
Значителна штета е пријавена и на Меѓународниот аеродром во Џенерал Сантос, еден од најважните транспортни центри во регионот Минданао, кој привремено е затворен за сообраќај.
Министерот за транспорт Џовани Лопез изјави дека контролната кула и патничките терминали претрпеле оштетувања, додека пистата останала функционална. Тој најави дека во наредниот период ќе бидат дозволени воени, хуманитарни и службени летови, а делумно обновување на комерцијалниот воздушен сообраќај се очекува веќе од следната седмица.
































