Фото: Илустрација/ Принтскрин - Јутуб АП

Здравствените работници во Газа предупредуваат дека илјадници луѓе би можеле да умрат, бидејќи болниците полни со повредени остануваат без гориво и основни залихи. Според проценките на ОН, се очекува дека во рок од два дена болниците ќе останат без гориво за генераторите.

Во болницата Насер, во јужниот град Кан Јунис, собите за интензивна нега се полни со повредени пациенти, од кои повеќето се деца помлади од три години. Стотици луѓе со сериозни повреди од експлозијата пристигнаа во болницата, каде се очекува гориво да снема до утре, според д-р Мухамед Кандил.

Ако снема горивото, посочи тој, „тоа значи дека целиот здравствен систем ќе биде затворен.

– Се работи за уште една катастрофа, уште едно воено злосторство, историска трагедија. Сите овие пациенти се во опасност доколку струјата се исклучи – додаде д-р Кандил.

Висок израелски функционер потврди дека Израел денеска го обновил снабдувањето со вода во Појасот Газа, откако водоснабдувањето беше во прекин по терористичкиот напад на Хамас од минатата сабота, јави „Тајмс оф Израел“.

Оваа одлука ја потврди и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, кој за „Си-ен-ен“ изјави дека неговите израелски колеги го информирале за овој потег.

Саливан додаде дека САД се фокусирани на американските граѓани да им обезбедат безбеден премин од Газа до Египет.

Тој, исто така, истакна дека САД се обидуваат да обезбедат најголемиот број цивили што ја напуштаат Газа да добијат пристап до вода, храна, лекови и засолниште.

Израелската армија денеска објави нова временска рамка за движење на цивилите во северниот дел на Газа кон југот на тоа подрачје.

Жителите можат да заминат од 10 часот по локално време до 13 часот по препорачаната рута, напиша портпаролот на израелската армија на арапски во објава на Екс, платформата порано позната како Твитер.

Израелската војска најави дека нема да ја нападне рутата во тој временски период. Луѓето кои се грижат за безбедноста на своите семејства треба да се упатат кон југ, се вели во соопштението на израелските вооружени сили. Имаше и извештаи дека Хамас ги спречува цивилите да бегаат.

Израел повеќе пати ја обвинуваше исламистичката организација дека го злоупотребува сопственото население како жив штит. Израел, исто така, користи летоци за да ги пренесе повиците за евакуација на граѓаните на Газа. Израелската армија тврди дека стотици илјади Палестинци веќе се преселиле во јужниот дел на Газа по претходните повици за евакуација.

Повикот за евакуација се однесува на повеќе од милион Палестинци на северот во пресрет на израелската копнена операција во тоа подрачје. Обединетите нации ги критикуваа наредбите и предупредија на хуманитарна катастрофа.

Министерството за здравство во Појасот Газа утринава соопшти дека 2.329 Палестинци загинале, а повеќе од 9.000 се повредени во израелските воздушни напади како одговор на нападите на Хамас врз Израел, кои почнаа на 7 октомври.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека убиле околу 1.500 палестински екстремисти кои се инфилтрирале во јужен Израел откако ја пробиле граничната ограда и повеќе од 1.300 други луѓе, главно цивили.

Тие заробија и одведоа во Појасот Газа околу 150 војници и цивили, меѓу кои жени, деца и постари лица, јавуваат израелските медиуми.

Во Израел, повеќе од 3.300 луѓе беа ранети во првичните напади на Хамас и ракетирањето од Газа.