Фото: МИА

Неколку десетици мигранти по потекло од Конго упаднаа во просториите каде порано беше сместена македонската амбасада во Брисел, објави МИА. Станува збор за објект, кој согласно Договорот за сукцесија на имотот на поранешна Југославија, им припадна на Македонија и Хрватска.

Бриселските власти преговараат со организаторите на „окупацијата“, здружението Волонтери за интеграција на лицата без регулиран престој во Брисел (ЦСПБИБ), со цел мигрантите доброволно да го напуштат објектот, кој има екстериторијален статус.

Во разговор со претставници на македонската амбасада во Брисел, од здружението дале ветување дека мигрантите нема да уништат или да украдат нешто од просториите, туку дека на овој начин само сакаат да извршат притисок врз властите за сместување на овие лица.

Бриселскиот порталот „Бруз“ објави дека во објектот влегле 50-тина од групата од околу 150 лица кои досега биле сместени во друга зграда, од каде требало да бидат иселени во рок од една недела.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Белгија веќе некое време се соочува со недостиг на простор за сместување на овие лица, како резултат на зголемениот прилив на баратели на азил.