Фото: Принтскрин/„Ен-би-си њуз“

Утринава уште еден силен земјотрес го погоди западен Авганистан, во истата област каде што серијата силни земјотреси минатиот викенд оставија зад себе околу 2.400 мртви. Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар претходно соопшти дека земјотресот што го погоди денеска западен Авганистан бил со интензитет од 6,5 степени според Рихтеровата скала.

Ударот бил во близина на западниот град Херат, во близина на претходниот епицентар и на мала длабочина од околу осум километри. Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала го погоди истото подрачје 20 минути подоцна на длабочина од околу 12 километри.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека повеќе од 120 повредени во земјотресот што денеска го погоди Херат во западен Авганистан се примени во регионалната болница во тој град.

– Во овој момент, повеќе од 120 лица се повредени и пренесени во регионалната болница во Херат, а многу други повредени се префрлени во други болници во овој град – соопшти СЗО во објавата на платформата Екс (Твитер).

Минатиот викенд серија земјотреси со јачина од 4,6 до 6,3 степени ја потресоа истата област на длабочина од околу 10 километри, при што загинаа околу 2.400 луѓе, а целосно беа израмнети најмалку 20 села, покажуваат најновите податоци на талибанските власти.

Жителите на градот Машхад во Иран, на околу 300 километри од зоната на земјотресот, рекоа дека ѕидовите од нивните куќи се треселе.

Во средата, уште еден земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтер повторно ја погоди истата област, при што загина едно лице, а беа повредени 153. Неколку села беа срамнети со земја во најмалку три области на провинцијата Херат.