Фото: Твитер/Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека земјите-членки на НАТО имаат „зелено светло“ да испратат борбени авиони во Украина.

Во интервју за „Си-би-ес њуз“, на прашањето дали Полска, како членка на Алијансата, може да испрати борбени авиони во Украина, тој рече дека Варшава има „зелено светло“ за тоа.

– Всушност, разговараме со нашите полски пријатели за тоа како можеме да помогнеме ако одлучат да ги обезбедат тие авиони на Украина и како можеме да им помогнеме да ги заменат авионите што ги испратија во Украина – рече Блинкен.

Портпаролот на Белата куќа претходно изјави дека американската администрација ја разгледува можноста да и надомести на Полска за авионите доколку таа одлучи да испрати борбени авиони во Украина, но истакна дека има неколку прашања во врска со тоа, вклучително и како авионите би можело да се префрлат од Полска во Украина.


Постојана заштитена телефонска врска на Зеленски со Бајден

САД за украинскиот претседател, Влaдимир Зеленски, обезбедиле шифрирана комуникациска опрема што му овозможува директен контакт со американскиот претседател, Џон Бајден, преку безбедна телефонска врска, објави весникот „Њујорк Тајмс“.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, вели дека САД споделуваат разузнавачки информации со Украина „во реално време“, без притоа да прецизира детали.

Весникот пишува и дека разузнавачки екипи наводно работаат на прекинување на руските дигитални напади и нивните комуникации.

Персоналот на Американската команда за кибер-одбрана со седиште во САД и во Германија на украинската војска и даваат разузнавачки податоци од сателитски снимки и електронски пресретнати разговори за краток временски период, час два откако се обезбедени, пишува „Њујорк Тајмс.“