Регионот е во опасност од националистички собирања и говор на омраза, затоа потребно е Балканот да се врати на  дијалогот и да се избегнат конфликти.

Ова го  порача албанскиот министер за Европа и надворешни работи Дитмир Бушати на свеченоста по повод 60-годишнината на зачленувањето на неговата земја во УНЕСКО.

– Зголемената популистичка реторика во развиените општества, говор на омраза и поделби, притисокот врз мултилатерализмот и теденцијата за националистички собирања не повикуваат на зголемена претпазливост и ја наметнуваат потребата за обновена, појасна, понеопходна и  поефикасна соработка. Ангажманот, волјата, способноста и вештините на младата генерација ќе бидат одлучувачки како за Албанија и нашиот европски пат,така и за изградбата на регион во кој се живее во мир и напредок,- рече Бушати.

Шефот на албанската дипломатија посочи дека членството на Косово во меѓународните организации претставува еден од темелите за стабилноста во регионот.

– Сме го подржале и ќе продолжиме да го подржуваме пристапот на Косово во меѓународните организации, вклучително и УНЕСКО, како реална инвестиција за косовските граѓани, но и за зајакнување на регионалната соработка, изјави Бушати.

Тој наброја повеќе места во Албанија кои се под заштита на УНЕСКО и најави дека следната година очекува под капата на оваа меѓународна организација дабиде и делот на  Охридско Езеро од албанска страна. Инаку, македонскиот дел од Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО уште од 1979 година.