По 11 години Србија престана да издава документи за влез-излез на граѓаните на Косово, а Косово пак се согласи граѓаните на Србија да можат да преминуваат само со лични документи

На административните премини меѓу централна Србија и Косово почна да се применува договорот за лични документи, според кој Србите од Косово и Метохија ќе можат да продолжат да патуваат со српски лични документи, додека Белград ќе го откаже издавањето дополнителни документи за сопствениците на лични картички издадени од приштинските власти.
Десет минути по полноќ, автобус со косовски регистарски таблички влегол во централна Србија, а патниците биле подложени на рутинска проверка на документите.
Забележително е зголемено присуството на војници на КФОР, кои се наоѓаат блиску до административните премини Брњак и Јариње.
Со договорот меѓу Белград и Приштина, Србија се обврза да не издава декларации за косовските лични карти, потег за кој српските власти инсистираат дека не значи признавање на Косово. За возврат од косовска страна, сите што имаат српски лични карти ќе можат непречено да влегуваат и излегуваат од Косово.
Инаку, на пунктовите што се наоѓаат на административните премини се поставени известувања напишани на српски и на англиски јазик дека употребата на лични карти издадени од Приштина е овозможена од „практични причини“, односно слобода на движење, и дека тоа не може да се толкува како признавање на еднострано прогласената независност на Косово, ниту како согласност на Белград за отстапување од резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Исто така, косовскиот премиер Албин Курти во видеопорака на српски јазик рече дека од вчера до 31 октомври „е отворена можноста за префрлање на регистарските таблички на РКС“.
Во исто време, во северниот дел на Косовска Митровица се појавија летоци на кои пишува „Не се предава! КМ останува!“ со регистарски број БГ 1244-ОН.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека станува збор за „вербален“ договор, од кој Белград успеал да извлече „најмногу што е можно“.
Никому не му е потешко, на сите им е полесно – изјави Вучиќ по повод тој договор.
Со посредство на емисарите на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак (специјален пратеник на Брисел за дијалогот меѓу Белград и Приштина) и Габриел Ескобар (специјален пратеник на Вашингтон за Западен Балкан), кои минатата недела ги посетија двете држави, властите во Косово и Србија се договорија целосно да ги укинат дополнителните процедури за премин на граѓаните од едната во другата држава. Тоа значи дека од 1 септември на полноќ не треба да се издаваат дополнителни привремени патни документи, како што досега, во изминатите 11 години, беше практика од српска страна и што сакаше да го воведе како реципроцитет косовската страна.

Подготвил: Марјан Велевски