Подготвил: Mарјан Велевски
Мисијата на КФОР денеска и утре ќе спроведе дводневна рутинска воена вежба на западот на Косово.
– Обуката ќе ја спроведува Регионалната команда – мултинационални контингенти Запад и ќе се фокусира на оперативната готовност и процедурите за подготовка на единиците. Во овој период војници и возила на КФОР ќе бидат стационирани во околината на Крушево и Дечанскиот манастир – се наведува во соопштението на КФОР.
Како што се истакнува во соопштението, активностите за обука ќе опфатат дневни и ноќни движења, на главните и споредните патишта во реонот ќе бидат видливи колони од воени возила составени од тешка инженерска опрема.
КФОР ги спроведува овие рутински вежби за тестирање и обука, за да обезбеди навремен и безбеден одговор секогаш кога е потребно.
– КФОР се стреми да обезбеди минимално влијание врз цивилното население за време на вежбата и бара соработка од локалните заедници за време на оваа активност – се наведува во соопштението.
Началникот на Генералштабот на Војската на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ, во изминатите денови изврши проверка во реонот на копнената зона на безбедност покрај административната линија со Косово. Од Министерството за одбрана информираа дека Мојсиловиќ ја разгледал состојбата во единиците на српската војска.
Заклучокот од проверката на теренот бил дека се создадени „сите клучни услови“ за непрекинато извршување на задачите за обезбедување на административната линија и контрола на копнената зона на безбедност. Во соопштението било посочено дека Мојсиловиќ „дал насоки за натамошно унапредување на способноста на ангажираните сили“.