Фото: Пекселс

Инфлацијата во Грција оваа година донесе поскапа велигденска трпеза, минимално зголемени цени на јагнешкото месо, но сепак, тoa не ги спречи Грците масовно да се подготвуваат за Велигден, како и масовно да заминуваат од урбаните средини, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците од Институтот на потрошувачи ИНКА оваа година цените на прехранбените продукти за Велигден се за 12,6 отсто поскапи во споредба со лани.

Дописничката на МИА од Атина го посети пазарот за месо „Варвакиос“, каде што традиционално, секоја година во пресрет на Велигден има зголемена раздвиженост.

Цените на јагнешкото месо, според сопствениците се минимално поскапи од лани, бидејќи, како што велат се обиделе колку е можно да го задржат покачувањето.

– Цените не се многу поразлични од лани. И покрај инфлацијата, јагнешкото е минимално поскапено од лани, за околу едно евро – вели еден од сопствениците.

Сепак, граѓаните купуваат, посочувајќи дека колку и да се цените повисоки од лани, за Велигден ќе одвојат некое евро повеќе за велигденската трпеза да биде онаква каква што доликува за празникот.

– Сè е поскапено, не само велигденската трпеза, но што да правиме? Две години седевме дома поради пандемијата, сега да се затвориме пак, поради инфлацијата – коментира за МИА повозрасна Гркинка.

Вработените на пазарот за месо, изразуваат задоволство од прометот во изминатите денови.

– Оваа година имаме поголем промет во споредба со лани. Особено вчера и завчера. Лани, повеќе разгледуваа, споредуваа цени. Оваа година веднаш купуваат – вели еден од вработените.

Центарот на Атина и денеска, но и во изминатите денови беше преполн, како со туристи, така и со Грци кои решиле оваа година Велигден да го поминат во грчката метропола.

Паралелно, огромен е бројот на оние кои ја напуштаат Атина и кон популарните дестинации за Велигден, но и кон туристичките места.

Во периодот од шест часот во четвртокот, заклучно со 18 часот вчера над 200.000 возила заминале од градот.

Слична е ситуацијата и на атинското пристаниште, како и на аеродромот, со Грци кои масовно заминуваат од Атина со траекти и авиони.