Фото: Архива/МИА

Доктор-анестезиолог бил приведен откако од болницата во Тетово се вклучил во живо на социјалната мрежа Тикток, снимајќи колеги и пациенти. Раководството на болницата за повеќе медиуми потврдило дека, според снимката, станува збор за гинеколошкото одделение.

– На 14 април во 23.40 часот во тетовско Одри полициски службеници го привеле В.Д. (43), постапувајќи по пријава од страна на П.В., директор на Клиничка болница Тетово, дека В.Д., вработен како анестезиолог во болницата, снимал и објавувал преку мрежата Тикток лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава – соопшти МВР.

Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Директорот на тетовската болница, Пелумб Вела, како и Лекарската комора, го осудија непрофесионалното однесување на медициското лице.

– Барањето за почитување на сопствените права, тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки – стои во соопштението на Лекарска комора.

Оттаму наведуваат дека со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професија ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе го почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба.

– Лекарската комора како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес. Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти – наведуваат оттаму.