По четири години, Владата на Црна Гора ги укина поволностите за богатите туристи
Според пресметките на ресорот за финансии, за четири години, од кога уредбата била во сила, од државниот буџет се одлеале 59 милиони евра, по основа на неплатени акцизи и ДДВ на промет за јахти и бродови
Укинувањето на одлуката за ослободување на плаќањето акцизи и други давачки за сопствениците на луксузни јахти, кои ќе наточат гориво во пристаништата на Црна Гора, предизвика политичка дебата во оваа земја. Уредбата била донесена пред неколку години од владата на Душко Маровиќ, со образложение дека на овој начин се поттикнува развојот на наутичкиот туризам во Црна Гора.
За оваа поволност за луксузните туристи малку се знаело во црногорската јавност, сѐ до минатата недела, кога на седница на Владата на Црна Гора, актуелниот министер за финансии Александар Дамјановиќ одлучил да ја укине оваа повластица. Според пресметките на ресорот за финансии, за четири години, од кога уредбата била во сила, од државниот буџет се одлеале 59 милиони евра, по основа на неплатени акцизи и ДДВ на промет за јахти и бродови. Овие бенефиции биле одобрени без разлика дали се извршувала комерцијална дејност или се користела за рекреација.
– Од оваа сума, 40 милиони евра се однесуваат за попустите за користење јахти за рекреација. Помалку изгубени приходи се однесуваат за снабдување на пловилата што се користеле за комерцијална, индустриска и воена цел, а кои и натаму ќе можат да го користат ова право – се наведува во анализата на Министерството за финансии на Црна Гора.
По објавувањето на веста, се огласи и црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој на Твитер напишал дека за последните 15 години многу се инвестирало Црна Гора да се позиционира како престижна дестинација за наутички туризам!
Од 2018 година до мај годинава, 103,9 милиони литри гориво се продале за јахти, бродови и други пловила. Вредноста на горивото без другите давачки изнесувала 47,7 милиони евра, а фискалните надоместоци по основа на акциза изнесувале 41 милион евра, а за ДДВ 18,6 милиони евра, покажуваат податоците на Министерството за финансии.