Хашим Тачи \ Фото: ЕПА

Продолжува судењето на поранешни високи косовски челници во Хаг

Судењето на еден од водачите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, и на неговите соработници продолжи во Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг. На првото продолжување по зимската пауза е сослушан заштитениот сведок, кој изјави дека во 1998 година првообвинетиот бил највисок старешина во Главниот штаб на ОВК. Сослушувањето било затворено за јавност, а тужителот Ејдан Квик соопшти дека сведокот зборувал за односите на ОВК и формациите на ФАРК, односно со оружените сили на Република Косово, кои биле формирани од тогашната влада на Косово во егзил на чело со Бујар Букоши. (ОВК била различна воена формација од ФАРК, која исто така со вооружени средства и методи се борела против тогашните југословенски безбедносни сили, н.з.)

Сведокот на хашкото обвинителство бил припадник на ФАРК во околината на Дечани, на територијата што ОВК ја нарекувала оперативна зона на Дукаѓини.
Сведокот изјави дека ФАРК во 1998 година ја признавал само владата во егзил (на Бујар Букоши), која била поддржана и составена повеќето од Демократскиот сојуз на Косово, предводен од Ибрахим Ругова, чии приврзаници, според обвинението, ОВК ги сметала за соработници на српските власти.
Според обвинението, Тачи и неговата ОВК во летото 1998 година настојувале да ја потчинат и да ја стават под контрола формацијата ФАРК. Некои припадници на ФАРК биле уапсени од ОВК и биле мачени во притворот на ОВК во Цахан, Албанија, се наведува во обвинението. Во летото во 1998 година, во околината на Дечани е одржан состанок со старешините на ФАРК и членовите на ГШ на ОВК, по што Реџеп Селими ја презел власта и над оваа формација.

Подготвил: Митко Јовановски