Фото: ЕПА

И во следните пет години, досегашниот претседател ќе ја води Турција

Aктуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган завчера победи во вториот круг од претседателските избори и е реизбран за претседател на Република Турција во наредните пет години. Додека се пребројуваа гласовите и стана извесно дека неговиот ривал не може да го достигне посакуваниот процент, Ердоган им се обрати на своите приврзаници, кои во голем број се собраа пред неговата резиденција во Истанбул, заблагодарувајќи им се што му ја дале одговорноста да владее во следните пет години.
– Го завршивме вториот круг од претседателските избори во корист на нашата нација. Единствениот победник на овие избори е Турција – победија сите 85 милиони луѓе во нашата земја. Вашата волја стана турска сила, неуништлива сила – рече Ердоган во своето обраќање до поддржувачите во Истанбул.
Официјално, претседателот на Изборната комисија, Ахмет Јенер, соопшти дека Ердоган е избран за претседател со освоени 52,1 отсто од вкупниот број обработени гласови. Неговиот опозициски опонент, Кемал Киличдароглу, пак, освоил 47,8 отсто од речиси сите преброени гласачки ливчиња во вториот круг од изборите. Според прелиминарните резултати, Ердоган го победил Киличдароглу со околу 2,2 милиони гласа разлика.
Меѓу првите што му честитаа на Ердоган беше американскиот претседател Џо Бајден.
– Се радувам и натаму како членки на НАТО да соработуваме на билатерални теми и глобални предизвици – напиша Бајден на Твитер.
И украинскиот претседател Владимир Зеленски, честитајќи му ја победата на Ердоган, изјави дека смета на „стратегиското партнерство“ на Украина и Турција и оти се надева на заедничко јакнење на безбедноста и стабилноста во Европа.
И НАТО и ЕУ му честитаа на Ердоган за реизборот. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, напиша дека се радува на продолжувањето на соработката и на подготовките на самитот, кој во јули годинава треба да се одржи во Вилниус.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, честитајќи му ја победата на Ердоган, изјавија дека сакаат да ги унапредат релациите меѓу ЕУ и Турција.
– Од стратегиско значење е, како за ЕУ така и за Турција, да се работи на проширување на овие односи, за доброто на нашите народи – додаде Фон дер Лејен.
Рускиот претседател Владимир Путин во својата честитка го нарече претседателот Ердоган „драг пријател“.


Ердоган го поддржува ставот дека зголемувањето на каматните стапки ја зголемува инфлацијата

Само еден ден откако Реџеп Таип Ердоган ја обезбеди својата победа на претседателските избори, турската национална валута вчераутро падна на ново рекордно ниско ниво. Лирата накратко допре 20,0608 во однос на доларот околу 11 часот во понеделникот наутро по локално време, надминувајќи го минимумот забележан минатата недела.
– Имаме мошне песимистички поглед на турската лира како резултат на тоа што Ердоган ја задржа функцијата по изборите – изјави во јавноста Брендан Мекена, економист за пазари во развој на Велс Фарго.
Лирата изгуби околу 77 отсто од својата вредност во однос на доларот во последните пет години. Монетарната политика на Турција става акцент на стремежот кон раст и извозна конкуренција, а Ердоган го поддржува ставот дека зголемувањето на каматните стапки ја зголемува инфлацијата.
Наспроти тоа, извршниот директор на „Маркетвектор“, Стивен Шенфелд, напиша во јавноста дека „доколку лирата продолжи да паѓа и инфлацијата повторно се зголеми поради политиката на несоодветно ниски каматни стапки, би можеле да видиме повторување на алокацијата, односно ’бегањето кон сигурност‘ на турските акции од страна на локалните инвеститори, што го придвижи пазарот нагло повисоко во 2022 година“.
Тој истакнува дека зрак надеж во целото сценарио може да биде способноста на турската централна банка да обезбеди линии за размена на девизни резерви со земјите од Блискиот Исток и од Кина.


Ковачевски му ја честита победата на Ердоган

Честитки до Реџеп Таип Ердоган, за новиот претседателски мандат, упати премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи.
– Големото и традиционално пријателство помеѓу Северна Македонија и Турција продолжуваме да го развиваме на билатерален економски план и во рамки на партнерството во НАТО. Пред нас се предизвиците на глобален план и уверен сум дека како и досега, ќе работиме заедно и со уште поголема посветеност на сигурноста и стабилноста на регионот и Европа и мирот во светот – се вели во честитката на Ковачевски.


Ердоган го освои третиот мандат на изборите во Турција

Официјалните резултати покажаа дека Ердоган добил мнозинство од 52,1 отсто гласови. Ривалот Кемал Киличдароглу обезбеди 47,9 отсто од гласовите.
Ердоган пред толпата народ, во која се вееја знамиња, порача дека „единствениот победник е Турција и народот треба да се обедини во единство и солидарност“.