Босна и Херцеговина

Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево излезе со соопштение за инцидентите и нападот што се случија на меѓународниот детски спортски турнир во Илиџа. Како што истакнаа, идентификувани се и лоцирани четири лица, кои се лишени од слобода поради сомнение дека сториле кривично дело насилничко однесување.
Станува збор за Е.Б. (20), кој живее во општината Нови Град Сараево, А.Т. (27), кој живее на подрачјето на општината Илиџа, Х.Д. (28), кој живее на подрачјето на општина Илиџа, и Е.Х. (23), кој живее на подрачјето на општината Вогошќа. Уапсените лица се сместени во просториите на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево, а вчера тие беа испрашувани од надлежните служби.
Под надзор на Кантоналното обвинителство на кантонот Сараево, полициските службеници на полициската управа продолжуваат со понатамошна работа на расветлување и документирање на сите околности поврзани со завчерашниот настан, во кој едно лице беше полесно повредено пред хотелот во Илиџа, за време на меѓународниот турнир за деца во мал фудбал.
Да потсетиме, нападот на турнирот во Сараево се случи во саботата вечер, кога локални хулигани со солзавец, факли и ножеви ги нападнаа родителите на малолетните момчиња од Србија. Притоа еден од родителите на децата учесници во турнирот од Белград бил повреден со нож, по што бил префрлен во болница, но е надвор од животна опасност.
Организаторот на турнирот, Алмир Пргуда изјави, вели дека турнирот продолжува. Тој објасни и што се случило за време на турнирот во саботата.

– Млади луѓе со капи и качулки упаднаа во хотелот и нападнаа група родители од Белград. Екипите од Србија останаа на турнирот и сите се безбедни – рече Пргуда.
Претходно, на натпреварот, како што додава тој, деца од Сплит што учествуваа на турнирот навредувале момчиња од Србија.
– Тие ќе бидат санкционирани и повеќе нема да учествуваат. Првпат во 15-те години на овој турнир се случува тоа – изјави Пргуда.
По инцидентот, реагираа и претставници на кантоналните и градските власти во Сараево. Претседателот на Владата на кантонот Сараево, Един Форто, на својот твитер-профил објави дека очекува да бидат приведени напаѓачите на гостите од Белград, а градоначалничката на Сараево го осуди нападот и порача дека Сараево е отворен град, каде што се добредојдени сите гости.