Продолжува потрагата по двегодишната Данка Илиќ, која исчезна пред осум дена во Бањско поле кај Бор. По анализирање на се што е досега направено во потрагата по девојчето, истрагата на територијата на Србија е проширена, изјави за РТС Бојана Отовиќ Пјановиќ од српската полиција.
Министерството за внатрешни работи на Црна Гора вчера соопшти дека потрагата по исчезнатото девојче од Србија е во тек и побара од црногорските граѓани доколку имаат информации за тоа да ја известат канцеларијата на Интерпол во Подгорица.
Над поширокото подрачје каде што исчезна Данка деновиве летаа хеликоптери на полицијата.
Специјални екипи ја пребарале околината на куќата, тунелот, подземните канали и шахти и шумата и не пронашле никакви траги што би укажувале дека девојчето е таму, рече Отовиќ Пјановиќ и додаде дека полицијата продолжува со оперативната работа.
-Многу пати излеговме со таткото и мајката на местото на настанот, што е логично, а логично е и неколку пати да беа испрашувани, се преиспитуваат сите факти и околности и треба да ги реконструираме настаните за да се утврди како детето можело да исчезне – рече Отовиќ Пјановиќ.
Истовремено, истрагата се прошири и на Австрија. Интерпол распиша жолта потерница. Србин кој живее и работи во Виена на улица во главниот град на Австрија снимил две жени покрај кои си игра мало девојче кое наликува на двегодишно девојче. Криминалната служба на покраината Виена започна истрага.
Амбасадата на Србија во Виена апелираше до граѓаните веднаш да ја известат српската или австриската полиција доколку препознаат исчезнато девојче на територијата на Австрија.
Данка има кафена коса, кафени очи, висока е околу 85 сантиметри, во моментот на исчезнувањето носела виолетови панталони, маслинесто зелена јакна, црни патики и косата и е врзана во опавче.