Просечната цена на квадратен метар, доколку зборуваме само за Скопје, во зависност од локацијата, е околу 1.000 евра на периферните локации на градот, додека во централниот дел цените се од 1.600 евра до 2.500 евра за квадратен метар…

Споредбена анализа за чинењето на станбениот простор во државите на Балканот

Цената на недвижностите во нашата држава пораснале најмногу во целиот регион. Ако ја погледнеме стапката на раст на цената за еден квадратен метар станбен простор, лесно се забележува табела на држави на Балканот на која Македонија е лидер!
Имено, во Македонија стапката на раст на чинењето на станбен простор е 20,6 отсто. На второ место следува Албанија со 17,6 отсто. На третото место е Босна и Херцеговина со 17 отсто стапка на раст. Следни во низата се Грција, 13,4 отсто, Бугарија, 9,2 отсто, па Црна Гора со 9 отсто. И на последните места се Србија со 6,5 отсто, Романија со 6,49 отсто, а последна е Хрватска со 3,5 отсто раст.
Што се однесува до цените на становите во Турција, на пример во Истанбул, имено, за споредба, становите во турската метропола моментално се 12 пати поскапи од пред девет години.

Причини за раст на цените на недвижностите и проекции за тековнава и за наредната година

Според македонски експерти, причините за зголемување на цените на становите во Македонија во последните години се раст на цените на материјалите, недостиг од работна сила, која се иселува во Западна Европа, инфлацијата, многуте турбуленции на пазарот, како и искористувањето голем дел од расположливите површини.
Како што вели Игор Панчевски, генерален менаџер на агенцијата за недвижности „Левел 7“, цените на недвижностите на глобално ниво имаат тенденција на благо намалување во развиените економии за разлика од земјите во развој, но пред сѐ тие се условени од локални услови во зависност од состојбата на пазарот т.е. од соодносот на понудата и побарувачката.
– Констатација врз основа на направените анализи на посочените пазари е доволен показател дека за разлика од развиените економии, земјите во развој немаат доволно развиени финансиски инструменти што нудат поширока палета на алатки за инвестирање за разлика од земјите во развој каде што вложувањето во недвижности сѐ уште е најсигурна инвестиција, особено на приватниот сектор – објаснува Панчевски.
Тој истакнува дека и во Македонија вложувањето во недвижности е најсигурна инвестиција кај нашите граѓани и поради тоа побарувачката е на исто ниво како и претходно. Во 2023 година имаше 11 отсто раст во споредба со 2022 година. Панчевски смета дека во иднина нема да има намалување на цените на недвижностите, односно, според неговите процени, веќе има стабилизација на цените и дека во текот на тековната и наредната година нема да има значителни осцилации на цените.
– Просечната цена на квадратен метар, доколку зборуваме само за Скопје, во зависност од локацијата, е околу 1.000 евра на периферните локации на градот, додека во централниот дел цените се од 1.600 евра до 2.500 евра за квадратен метар – нагласува Панчевски.

Враќањето на старите цени на становите е нереално сценарио

Според него, враќањето на старите цени на становите е нереално сценарио и не се очекува да се случи од повеќе причини, пред сѐ од локален, но и од глобален карактер.
Групацијата за недвижности при Стопанската комора на С. Македонија оцени дека кај цените на недвижностите во последните месеци се бележи стабилизација и не се очекуваат промени подолг период.
– На крајот на минатата година по завршувањето на ковид-кризата на пазарот на недвижности значително се зголеми побарувањето. Истовремено, како резултат на воениот судир во Украина и енергетската криза значително се зголемија цените на градежните материјали, што доведе до зголемување на цените на новите градби, а зголемената побарувачка на пазарот доведе до тоа зголемените цени пазарно да се прифатат. Сепак, според нашето мислење, продавачите ги зголемија цените повеќе отколку што пазарот може да прифати и поради тоа, по првото тримесечје, настана извесен застој со мала корекција на цените во правец на нивно намалување. Според мене, она што се случува во последните неколку месеци е всушност стабилизација на цените на одредено ниво и престанок на растот што беше забележлив пред тоа и моето мислење е дека подолг период во иднина нема да има промени во цените – посочуваат од групацијата за недвижности при СКСМ.


Куриозитети за чинењето на станбениот простор

Надвор од конкуренција се становите во „Порто Монтенегро“ по цена од 25.000 евра за квадратен метар?!

Компанијата „Адријатик маринас“ од Тиват започна со промотивна кампања и продажба на станбени недвижности во новиот кварт на одморалиштето „Порто Монтенегро“, кое е во изградба. Новата населба ќе се вика Синкро Јардс, а цените во претпродажба достигнуваат до 25.000 евра за квадратен метар.
Населбата ќе се гради во западниот дел на „Порто Монтенегро“, на потегот од Муле 3 кон Сељаново. Подготвителните работи на тој дел од крајбрежјето веќе се во тек, а ги изведува компанијата „Брив констракшн“ од Котор.
Синкро Јардс ќе има клуб на плажа со базени и лагуни, простори за перформанси и настани, ресторани и луксузни бутици.
Во срцето на Синкро Јардс ќе има реставрирана зграда на поранешно бродоградилиште како ода на индустриското наследство на овој крај, најавија од раководството на „Порто Монтенегро“.авршувањето на изградбата на оваа населба е планирано за 2026 година.

Фото: ЕПА