Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека многу е вознемирен од ситуацијата на северот на Косово и рече дека ЕУ нема да го толерира фактот што и покрај одржаните кризни состаноци продолжуваат ескалации и станува опасно.
– Многу сум вознемирен од ситуацијата на северот на Косово: незаконски апсења на косовски Срби и маршот на Косовските безбедносни сили (КБС) во јужна Митровица, проследен со тешка реторика од Србија. И покрај вчерашните кризни средби, ескалациите продолжуваат и стануваат опасни. Нема да го толерираме тоа – напиша Борел на Твитер.
Како што соопштија од Косовските безбедносни сили, 215 нивни припадници денеска марширале од касарната „Минатори“ до селото Фрашер во Митровица, по што се вратиле во базата.
Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ изјави дека испратил барање до командата на КФОР да преземе итни мерки за „заштита на српскиот народ и неговото право на опстанок“ – пренесува Танјуг.
Тој додаде дека во согласност со Уставот на Србија и Повелбата на ОН, српските вооружени сили се подготвени целосно да ги извршуваат сите задачи во однос на севкупната безбедносна криза доколку добијат наредба од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
КБС тврдат дека за тој марш биле информирани командантот на баталјонот на КФОР и неговиот персонал, пренесува „Репортерс“.
Министерот за одбрана на Косово Арменд Мехај рече дека ова се редовни маршеви. Како што наведе, денешниот марш е „дел од годишниот план“ и нема никаква врска со безбедносната состојба на северот на Косово.
Во четвртокот во Брисел се одржаа одделни средби на претставници на Европската унија со премиерот на Косово, Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
По средбата со премиерот на Косово и со претседателот на Србија во Брисел, Борел изјави дека се очекува Албин Курти да ја повлече полицијата од општинските згради на северот на Косово, а градоначалниците да ги извршуваат своите должности од алтернативни локации.
Истовремено, тој очекува Србија да се погрижи демонстрантите да се повлечат од пред општинските згради.
Суштината на проблемот е и суштината на решението, додаде Борел, имено нови избори во четири општини со мнозинско српско население и нивно учество на изборите. Конкретно решение за смирување на ситуацијата не е постигнато.