Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека треба да се заштитат сите права на косовските Срби и дека Русија е посветена на решавање на ситуацијата преку дипломатски средства.
– Ние се залагаме за апсолутно почитување на сите права на косовските Срби и за исполнување на обврските преземени од страните според сите документи релевантни за оваа ситуација. Најважно за нас е да ги обезбедиме интересите на Србите. Ги поддржуваме мирните напори на страните и решавањето на ситуацијата преку дипломатски средства – рече Песков на прес-конференција во Москва.
Потенцирајќи дека е неопходно да се намалат тензиите, Песков рече дека српскиот претседател Александар Вучиќ не побарал поддршка од рускиот претседател Владимир Путин во врска со ситуацијата на Косово.
Портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова, ја обвини Приштина дека „се определила за поостра репресија против косовските Срби“ и дека „посегнува по директно насилство од етнички причини“.