Министерството за одбрана на Турција денеска соопшти дека на барање на НАТО во следните два дена на Косово ќе испрати специјални сили кои ќе бидат стационирани во касарната во Призрен и ги повика спротивставените страни на воздржаност.
Како одговор на барањето добиено од Здружениот штаб на НАТО во Неапол, поради настаните на северот на Косово, се планира испраќање турски сили во касарната „Султан Мурат“ на Косово на 4 и 5 јуни“, се вели во соопштениетошто го пренесе „Танјуг“.
Како што е прецизирано, станува збор за членови на баталјонот командоси од 65-та механизирана пешадиска бригада од Киркларели, кој претходно бил распореден на КФОР.
Во соопштението се додава дека Турција продолжува да придонесува за регионалниот и глобалниот мир и стабилност во рамките на мисиите на ОН, НАТО, ЕУ и ОБСЕ.
– Во овој контекст, нашата земја внимателно ги следи настаните на Балканот, каде што ги споделивме историските и културните вредности, зазема конструктивен став и повикува на воздржаност од двете страни, како и за решавање на последните настани во пријателскиот и братскиот северен дел на Косово, кои и штетат на регионалната безбедност и стабилност, соопшти турското Министерство за одбрана.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на 30 мај во Осло изјави дека воената алијанса ќе испрати дополнителни 700 војници на Косово со цел да се потисне насилството што избувна на северот и да се подготви уште еден баталјон кој ќе го испрати доколку е потребно.