Четирите излегувања на избори за изминативе две години во Бугарија се сметаат како една од пречките за лесно влегување во еврозоната

Приклучувањето на Бугарија кон еврозоната (усвојувањето на европската валута – еврото, наместо левовите како платежно средство) ќе ѝ помогне на Бугарија, земја-членка на Европската Унија, која засега е со најниски економски показатели, да привлече повеќе странски инвестиции и да обезбеди надградба на кредитниот рејтинг, што може да ги намали трошоците за финансирање на нејзиниот долг. Ова го тврдат економските експерти во анализата на „Еурактив“, гласилото на европската медиумска мрежа. Но долготрајниот политички ќор-сокак на Бугарија има потенцијал да го одложи нејзиниот план за усвојување на еврото на 1 јануари 2024 година, во време кога евроскептичната и проруска партија Преродба е сè погласна, а самите граѓани на Бугарија се длабоко поделени за еврото

Анализа: Изборниот ќор-сокак го загрозува влезот на Бугарија во еврозоната

Бугарија, потресена од серијата избори што произведоа уште еден „лабав парламент“ минатиот месец, ја загуби динамиката во своите планови за влез во еврозоната. Тоа го тврди шефот на Бугарската централна банка, но и повеќе реномирани европски економски експерти.

Повеќе граѓани во Бугарија „против“, отколку „за“ воведување на еврото

Во повеќе анализи на оваа тема се провлекува еден заеднички став, а тоа е дека „главните бугарски политички партии ја поддржуваат идејата преминувањето на еврото да се реализира до 2024 година, но тие намерно го држеа ова поларизирачко прашање на маргините, плашејќи се од губење на гласачите во пресрет на изборите на 2 октомври“. Во исто време, националистичката и проруска партија Преродба, која стана четврта по големина фракција во парламентот, гласно води кампања против еврото, велејќи дека тоа „ќе ја уништи економијата“. Ваквиот нивен став се совпадна со стравувањата на многу граѓани во Бугарија, кои на социјалните мрежи презентираат експлицитен став – против влегувањето на нивната земја во еврозоната, образложувајќи дека „преминувањето од левови на евра дополнително ќе ја поттикне и онака високата инфлација“ и ќе им го отежни животот на граѓаните.
Истражувањето на „Евробарометар“ во јуни покажа дека 44 отсто од Бугарите се за приклучување кон еврото – што е помалку од 54 отсто во пролетта 2021 година – додека 54 отсто биле против, наспроти 44 отсто претходната година.
Многу луѓе стравуваат дека формирањето на цените за време на преминувањето кон еврото може да предизвика дополнително зголемување на цените воопшто, што би било повторно на товар на граѓаните. Иако извештајот на Европската централна банка, кој го анализираше воведувањето на еврото во 12 земји во 2002 година, откри дека „нема докази за значително влијание врз цените на збирно ниво како резултат на промената на локалната валута во евро“. Сепак, за многу млади Бугари на подобро платени работни места, усвојувањето на еврото е единствениот пат напред за земјата, која влезе во ЕУ во 2007 година.

Радев: Дали Бугарија во иднина ќе остане на неодредено време закотвена во длабоката периферија на Европа со нејзината вродена сиромаштија, корупција, институционална слабост…

По минатомесечните избори, четврти за помалку од две години, Бугарија се соочува со тешки разговори за формирање влада. Не може да се исклучат дополнителни предвремени избори, кои би можеле да го загрозат усвојувањето на законите потребни за влез во еврото.
Гувернерот на Централната банка, Димитар Радев, минатиот месец изјави во парламентот дека Софија заостанува со техничките рокови.
– Прашањето… е дали Бугарија во иднина ќе остане на неодредено време закотвена во длабоката периферија на Европа со нејзината вродена сиромаштија, корупција, институционална слабост… или дали треба да се направат општи напори за да се промени ова преку забрзување на веќе сериозно одложениот процес на приклучување кон еврозоната – рече Радев.
По неговиот говор, парламентот усвои резолуција со која се бара од преодната влада да ја забрза работата со институциите на ЕУ за да се осигури дека Бугарија нема да го пропушти целниот датум 2024 година.
Двете најголеми политички партии, централно-десничарската ГЕРБ и реформистичката Продолжуваме со промената (ПП), ја поддржаа. Фракцијата Преродба гласаше против, додека социјалистите пријателски настроени кон Русија и партијата Бугарски подем беа воздржани.
Рејтинг-агенциите „Стандард и Пурс“ и „Фич“, кои ја оценуваат Бугарија со инвестициска оценка БББ, рекоа дека влезот во еврозоната би бил кредитно позитивен за Бугарија.
– Сè уште гледаме дека постои општа посветеност на земјата да го следи процесот на усвојување на еврото… но политичката нестабилност дефинитивно ги одолжува перспективите – вели Малгоржата Кживицка, аналитичар во „Фич рејтингс“.
Официјален претставник на ЕУ, добро запознаен со состојбите во Бугарија, изјави за „Ројтерс“ во понеделникот дека институциите на ЕУ се флексибилни и „може да работат и со редовните и со привремените влади, имајќи предвид дека постои јасен политички мандат и таков неодамна беше даден“.
– Исто така, ќе треба да видиме момент кога инфлацијата во Бугарија се намалува. Ако се забрза работата, земјата сè уште би можела да го исполни целниот датум – додаде изворот.

Пеканов: Бугарија ги исполнува повеќето номинални критериуми за усвојување на единствената валута, освен инфлацијата

Вицепремиерот Атанас Пеканов рече дека привремената влада е решена да ја засили работата за Бугарија да може да го воведе еврото навреме. Земјата ги исполнува повеќето номинални критериуми за усвојување на единствената валута, освен инфлацијата. Во септември просечната стапка на инфлација во еврозоната беше 9,9 отсто, додека бугарската хармонизирана бројка со ЕУ беше 15,6 отсто.
Друга потенцијална пречка е недостигот од јасен план за фискална политика за следната година, откако преодната влада рече дека нема да го претстави нацрт-буџетот за 2023 година до парламентот, додека фискалниот дефицит може да скокне на 6,6 отсто од БДП.
Аналитичарите велат дека иако може да има одредена флексибилност на номиналните критериуми, земјите од еврозоната сè уште треба да бидат убедени дека Бугарија може да се бори против широко распространетата корупција и ефикасно да ги спроведе правилата за перење пари.
– Некои од овие реформи ќе биде многу тешко да се постигнат без функционална влада – рече Никлас Штајнерт, аналитичар за суверен рејтинг во „Стандард и Пурс“.
Висок функционер од еврозоната рече, сепак, дека критериумите за конвергенција се сè што е важно.
– Ако ги исполнат, тие се внатре – рече официјалниот претставник.

Подготвил: Mарјан Велевски