Агенцијата за статистики на Косово (АСК) денеска ги објави прелиминарните резултати од пописот на населението, според кои Косово има 1.586.659 резидентни жители, од кои 795.046 се мажи, а 791.614 се жени, јави дописникот на МИА од Приштина.
Досега, како што информира вршителот на должноста директор на АСК, Авни Кастрати на прес-конференција на која присуствуваа премиерот Албин Курти, министри, градоначалници и амбасадори, регистрирани се и околу 600 илјади нерезидентни жители.
Соодносот на половите не е променет и останува ист, односно жени се 49,90 отсто а мажи 50,10 отсто.
Само во девет од 38 општини има зголемување на бројот на жители, додека во другите 29 има намалување.
Според првичните податоци, просечната возраст на населението е 34,82 години.
Според АСК, има намалување на бројот на жители во возрасната група од 0-15 години и зголемување на бројот на жители над 64 години.
Густината на населеност, според АСК, е 145,5 жители на еден квадратен километар.
Општини со најголема густина се Косово Поле со 762 жители на квадратен километар, Мамуша со 513 жители и Приштина 434 жители на квадратен километар.
Просечниот број на членови во едно домаќинство во 2024 година е 4,5 жители.
Според АСК, во четирите северни општини на Косово, населени со мнозинско срспко население – Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, имало масовен бојкот, но дел од жителите биле попишани.
Премиерот Албин Курти по повод објавувањето на податоците рече дека тие се мошне значајни за носење одлуки во иднина.
– Без точни податоци, без статистики, и одлуките ќе бидат неточни. Во демократијата, носењето политички одлуки е многу важно. Горд сум како премиер на посветеноста и заложбите на оние кои учествуваа во овој процес. Јас лично за кратко време неколку пати разговарав со АСК за да ја дадам мојата поддршка. Европската унија, УСАИД се потпираат на други статистички податоци за да донесат други одлуки. Оваа посветеност ја зголемува интеграцијата на меѓународната сцена. Моќна агенција за статистики која обезбедува важни статистики е драгоцена агенција за земјата – рече Курти.
Вршителот на должноста директор на АСК, Кастрати, истакна дека целиот процес на попис бил дигитален.
Според него, податоците се објавени за резидентните жители но и за дијаспората. Тој рече дека процесот на попис за дијаспората ќе продолжи до крајот на август и ги повика иселениците да ја искористат можноста за попишување.
Кастрати најави дека конечните резултати од процесот ќе бидат објавени во декември годинава, но тие „не се очекува да се разликуваат многу од прелиминарните“.
Годинешниот попис на населението се одржа од 5 април до 24 мај, а според претходниот, одржан во 2011 година, во Косово имало 1.739.825 резидентни жители.