Западен Балкан очекува бум на инвестициите во соларна енергија

Земјите од Западен Балкан би можеле да си олеснат себеси со инвестициите во соларна енергија. Паралелно со тоа, неопходни се и здрави инвестиции во нивните преносни мрежи, кои сериозно заостануваат со квалитет. Но обновливите извори на енергија би можеле само да помогнат во олеснување на енергетската криза. Притиснати од западната „зелена транзиција“, владите на земјите од Западен Балкан, сакале или не, мораат да се оддалечуваат од јагленот. Тоа се одразува погубно на националното и регионалното стопанство, на реалната економија и индустријата, а со тоа на економскиот раст и БДП

Во земјите во развој на Балканот суштински за економскиот развој сѐ уште се базичните извори на енергија

Економските аналитичари често го изразуваат својот став во кој велат „развиениот Запад да дозволи земјите во развој од Западен Балкан да ги стават во полн капацитет своите традиционални енергетски (базични) ресурси и производство на струја и на тој начин да се добие енергија со која извесен период ќе се фаќа приклучок (ќе се доближува) со економскиот развој на високоразвиените земји“, а со тоа „што побрзо националната економија ќе стане компатибилна со нивните западни поразвиени економии, а сето тоа заради полесна интеграција во тие развиени системи“. Тоа е и нивната западна интенција. Но економистите и енергетичарите во таа насока истакнуваат еден „чуден пристап со кој Западот ги задушува и индустријата и потенцијалното динамично производството на енергија од традиционалните, базични извори на земјите од Балканот“.
Во основа, обновливите извори треба да се развиваат, но на ова ниво тие сѐ уште не ги задоволуваат потребите за работа во полн капацитет на нашите индустриски капацитети, а заради тој посакуван индустриски динамичен и одржлив развој.
Имено, соговорниците истакнуваат дека на Западот треба да му се објасни дека домашното базично производство на енергија ќе значи побрз развој, домашна (и се разбира) поевтина струја и за стопанството и за граѓаните, а тоа би се движело во ограничени временски рамки (на пример едно десетлетие), во кои се очекува динамичен тренд на раст, при што би се добиле висок економски раст и БДП.
Во скор и планиран транзициски период, со достигнат повисок економски раст, постепено би се намалувала употребата на традиционалните базични извори на енергија, а обновливите би си го зазеле своето место, по фаќањето на економскиот приклучок (реиндустријализацијата, економскиот раст и БДП), со повисокоразвиените западни земји. Затоа, едноставното административно пресекување (ригорозните барања) од страна на Западот (рестрикции на базичното производство на енергија), во името на „зелена транзиција“, според аналитичарите, може само да го забави развојот на земјите од Западен Балкан, а не да помогне за економски одржлив раст.
Западот, според соговорниците, треба да направи еден балансиран приод за енергетскиот и индустрискиот развој на земјите од Западен Балкан. Доколку Западот искрено го сака толку промовираниот интегративен процес, а да помине со што пониско ниво на стрес, од обете страни, треба да дозволи интензивно енергетско и индустриско динамизирање на земјите од Балканот, а ригорозните и сериозни чекори во контекст на „зелената транзиција“ да ги направи на свој терен, за потоа истото тоа да се искалкулира во некој екстензивен период, по транзицијата и во земјите на Западен Балкан.

Краток осврт на „Јуроњуз“ посветен на актуелните предизвици со обновливата енергија во Македонија и Босна

1. Македонија стана центар за обновливи извори на енергија
Во Македонија инвеститорите „доста бесно“ инвестираат во соларни централи, изјави министерот за економија Крешник Бектеши. Неговата земја, која е увозник на електрична енергија, стана регионален центар за обновливи извори на енергија.
– Од 2021 година се изградени соларни паркови со капацитет од 139 мегавати (MW). Земјата планира да произведе до 300 мегавати нова сончева енергија до крајот на 2023 година. Ова е доволно за снабдување со електрична енергија осум града – вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија.
Сепак, преносните и дистрибутивните мрежи не се подготвени да апсорбираат такви ненадејни доводи на сончева енергија.
– Нашата мрежа може да си дозволи пренос на околу 1.300 мегавати фотоволтаична енергија, додека нашата дистрибутивна мрежа има капацитет од 700-800 мегавати, а има план за пренос од 5.000 мегавати. Значи, имаме проблеми – вели Бислимовски.

2. Сончевата енергија цвета и во Босна

Соларните централи се појавија и низ Босна, единствената балканска земја што извезува електрична енергија. Во јужниот регион на Херцеговина, Столац – градот што беше пионер во користењето на сончевата енергија пред 12 години – сега стана големо градилиште.
– Планираме производствен капацитет од сончева енергија до 600 мегавати – вели градоначалникот на Столац, Стјепан Бошковиќ.
Сепак, тој предупредува дека планот зависи од капацитетот на далноводите и од подготвеноста на државните агенции соодветно да го прошират. Бошковиќ вели дека приватните и јавните компании конкурирале за проекти во вредност од околу една милијарда босански марки (512 милиони евра) во областа.
Како можат окрузите да се изборат со своите проблеми со дистрибуцијата на енергија?
– Македонија ќе треба да ги прошири своите дистрибутивни мрежи за да ја прифати и балансира енергијата – вели Бислимовски.
Другото решение, иако скапо, е да се складира електричната енергија што се произведува само во текот на дневните часови. Затоа, законодавството во Македонија беше изменето за да се бара од инвеститорите да обезбедат складирање електрична енергија од батерии во области каде што мрежата е веќе резервирана.
Производителите на соларни панели предупредуваат на дополнителни проблеми поврзани со порастот на обновливите извори на енергија. Лошата контрола доведе до пораст на компаниите што инсталираат соларни панели без лиценца поради зголемената побарувачка. Ова често води до технички грешки и може да му нанесе огромна штета на енергетскиот систем на земјата.
– Луѓето се фокусираат на цената и на тоа колку брзо ќе завршат работите, не размислувајќи за далекосежните последици и за инвеститорите и за мрежата – вели Горан Паунов, сопственик и генерален директор на фирма за соларни панели од Скопје.