Хрватска
Павао Вујновац, еден од најмоќните хрватски претприемачи, на 25 јуни годинава на загрепскиот аеродром е фатен од царината со непријавено синџирче од скапоцени камења и бело злато во вредност од дури 507.436 евра – или 3.812.421,47 куни, за што е осуден на парична казна од 50 илјади куни (околу 7.000 евра).
Вујновац се враќал од Цирих со скапото синџирче, а царинскиот службеник се консултирал со своите претпоставени, но и со други надлежни служби и му напишал прекршочна пријава на бизнисменот. Откако јавноста дозна за настанот, се создаде лавина од реакции, но најзначајната беше дилемата зошто не е поведена кривична постапка, туку само прекршочна. Во дискусијата се вклучија голем број експерти, но одлуката, се разбора, остана непроменета.
Сепак целата оваа медиумска помпа беше повод уште еднаш да се потсети јавноста кој е всушност Павао Вујновац, човекот што според сопственото кажување за првпат се вработил во 2006 година на конкурс, а денес е исклучително богат и влијателен. Тој е на чело на моќната и таинствена компанија „Фрст гас компани“. Дипломирал на Економскиот факултет во Осиек и се вработил во февруари 2006 година на конкурс во ППД во Вуковар. ППД тогаш беше мал регионален дистрибутер на гас во сопственост на германскиот Е. Он Рургас. Откако компанијата запаѓа во криза, Германците биле подготвени да ја препуштат на некој што ќе ги преземе нејзините големи долгови, а Вујновац решил да го преземе ризикот. Тој ја презел ППД, но сепак остана во контакт со Е. Он Рургас, еден од најголемите трговци со гас во Европа, како подготовка за либерализација на пазарот на гас во Хрватска.
Во соработка со Е. Он Рургас, Вујновац го склучи својот прв поголем договор на крајот на 2011 година со загрепската Градска плинара, а веќе следната година ППД почна да ги снабдува двата најголеми потрошувачи на природен гас во Хрватска – ХЕП и „Кутина петрокемија“. На крајот на 2012 година, ППД станува локален партнер на моќниот руски „Газпром“, што му овозможува да има уште поконкурентна цена на гасот. Сето ова води до супербрз раст на бизнисот. Денес, преку холдинг-компанијата „Енергиа натуралис“, Вујновац управува со дваесетина компании со различни портфолија – од набавка на гас и трговија на големо, до логистика, железнички карго-транспорт, откуп и преработка на овошје и зеленчук. Во 2020 година, ППД, според прометот, е трета по големина домашна компанија, зад ИНА и „Конзум“. ППД најмногу заработува од продажбата на гас во Италија, Словенија, Унгарија и во Швајцарија. Дополнително, Вујновац ги контролира „Петрокемија“, „Певекс“, пристаништето Плоче, има големи планови во пристаништето Риека и поседува голем пакет акции во групацијата „Фортенова“.
Накратко, Вујновац за 16 години од вработен на тендер стана проблем за царината поради синџирче од половина милион евра. Импресивно.