Фото: ЕПА

Вратите на училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград се отворени само за учениците од прво до четврто одделение, кои имаат настава во продолжен престој, а иако беше најавено дека од утре во клупи ќе бидат и останатите ученици, претседателот на Советот на родители при тоа училиште, Игор Ѓорѓевиќ, вели дека се уште не е целосно одлучено враќањето на училиште да се случи утре.

Тој додаде дека наставата ќе започне кога децата и наставниците ќе проценат дека е дојдено време. Ѓорѓевиќ изјави дека препорака на Министерството за образование и експертите е децата да тргнат на училиште, да разговараат со децата и да ги надминат стравовите со доаѓање на училиште.

-Препорака на министерството е и сите оние деца кои не се подготвени, да останат дома, да продолжат да разговараат со родителите и да ги надминат стравовите и сите да се вратат на училиште кога ќе бидат подготвени – вели Ѓорѓевиќ.

Тој посочи дека повеќето родители се согласиле дека имаат право да одлучат кога ќе го испратат своето дете на училиште.

Ѓорѓевиќ вели дека имало различни мислења кога станува збор за моделот за започнување на училиште и простор, дали да се вратат во иста зграда, но дека мислењето на сите родители било што побрзо да почнат со настава. Тој додаде дека мислењето на експертите од најеминентните институции кои се занимаваат со ментално здравје е дека училиштето „Владислав Рибникар“ треба да биде место за враќање. На прашањето што зборуваат и како мислат децата, Ѓорѓевиќ вели дека тоа е клучно прашање.

-Ми се чини дека многумина од нас не ги прашуваат децата, туку ги искажуваат своите стравови, вознемирености, оправдани стравови, бидејќи секое дете е нашето најголемо богатство што го испраќаме овде. Ова можам да го кажам во име на моето дете и во име од децата околу неа со кои имав можност да разговарам – тие се подготвени да се вратат и едвај чекаат да се вратат овде за да ги видат своите учителки и да ги прегрнат и да ја споделат нивната болка и тага – вели Ѓорѓевиќ.

Тој вели дека децата треба да се слушнат и тие да одлучат кога сакаат да се вратат.

Четворица полицајци, повеќе отколку во другите училишта во Србија, го обезбедуваат училиштето во кое ученик од седмо одделение уби осум соученици и еден училишен чувар. Помош и поддршка за учениците од ова училиште и сите училишта во Србија, родителите и наставниците обезбедуваат психолози и психијатри од Институтот за ментално здравје, Клиниката за психијатрија КЦС, бројни други здравствени установи и здруженија.