Според Евростат, во 2020 година обновливата енергија претставувала 22,1 отсто од потрошената енергија во ЕУ, околу 2 отсто над целта за 2020 година од 20 отсто, а, Хрватска имала 31 отсто потрошена енергија од обновливи извори и ја надминала поставената цел

Хрватска е една од седумте земји на ЕУ што произведуваа повеќе од 20 отсто од електричната енергија од обновливи извори во 2020 година, изјави Дамир Шљивац, раководител на Катедрата за електротехника на Факултетот за електротехника, компјутери и информациски технологии (ФЕРИТ) во Осиек. Шљивац говореше на конференцијата „За гигаБИТ зелена енергија“, каде што околу 150 учесници презентираа уникатни примери за примена на обновливи и алтернативни извори на енергија.
Според Евростат, во 2020 година обновливата енергија претставуваше 22,1 отсто од потрошената енергија во ЕУ, околу 2 процентни поени над целта за 2020 година од 20 отсто. Според европската статистичка организација, Хрватска имала 31 отсто потрошена енергија од обновливи извори и ја надминала поставената цел.
– Од 2007 година имаме нови законски прописи за изградба на обновливи извори, кои ни овозможија да изградиме ветерни централи и фотоволтаични системи, кои покрај значителното производство на електрична енергија од биомаса и биогас во постројките во Славонија, ни овозможуваат да произведеме 20 проценти од нашата енергија од обновливи извори – посочи Шљивац.
Тој потсети дека зградата на ФЕРИТ најголемиот дел од електричната енергија го добива токму од обновливи извори.
– Имаме околу 150 киловати фотоволтаични системи заедно со паметната микромрежа и системи за складирање што ги изградивме и сѐ уште ги развиваме – посочи тој и го најави големиот градежен проект на Научноистражувачкиот центар за електротехника и компјутери, кој ќе биде исклучиво со обновливи извори на енергија.
Томи Медвед, раководител на Лабораторијата за енергетски стратегии на Електротехничкиот факултет на Универзитетот во Љубљана, го претстави проектот „Енергетска заедница – село на иднината во кое секој има соларна централа и станица за полнење електрични возила“.
– Не одевме толку за намалување на потрошувачката на енергија, туку за зголемување на производството во постојните ограничени мрежи и постигнавме од 180 до 300 проценти повеќе отколку што предвидуваа дека е можно – рече тој.
Претседателот на Хрватското здружение за развој и примена на водород, Ивица Јакиќ, рече дека Хрватска усвоила стратегија за развој на водород до 2050 година, една од првите во Европската Унија, и со тоа дала насоки како треба да се произведува и применува водородот во Хрватска и како институциите треба да ја отворат вратата за реализација на проекти за водород.
– Цементарниците, челичната и хемиската индустрија, на кои им е потребен водород како енергент, без него нема да може да работат – рече Јакиќ, нагласувајќи дека тоа е единствениот извор на енергија што нема штетно дејство, а неговиот нуспроизвод е само чиста вода.
Тој, исто така, рече дека Хрватска е посветена на производство на водород со гасификација на отпадот.
– Тоа значи дека целиот комунален органски отпад може да се гасифицира и од него да се добива водород без никакви штетни ефекти. Нема горење, пиролиза и штетни емисии. Дневно се доволни 25 тони комунален отпад за 43 водородни автобуси или 220 автомобили со водород – рече тој.