Фото: Фејсбук/Бојко Борисов

Според 95,89 отсто обработени податоци на Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија за ГЕРБ-СДС гласале 26,51 отсто од граѓаните (642.032 гласа). Додека коалицијата Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија освои 24,90 проценти од гласовите (603.154 гласа), а за Преродба освои 14,38 отсто (348.252 гласа).

На четврто место е Движење за права и слободи со 12,95 отсто (313.657 гласа). На петтото место е БСП за Бугарија со 8,97 проценти (217.279 гласа). Шестата политичка формација која влегува во новиот бугарски Парламент е Има таков народ со 4,16 отсто (100.844 гласа), додека 105.893 луѓе ја избрале опцијата Не поддржувам никого.

На изборите на 2 април учествуваа 21 политичка формација – 14 партии и седум коалиции.

Изборите во неделата беа петти парламентарни избори во Бугарија во изминатите две години и се одржаа во атмосфера што се карактеризира со широкораспространето незадоволство против политичките елити, кои многумина ги сметаат за неподготвени сериозно да се зафатат со корупцијата и економските реформи – според „Ројтерс“.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Бугарија и по овие избори, нема да добие функционално парламентарното мнозинство, што ќе ги загрози амбициите на земјата да ѝ се приклучи на еврозоната во блиска иднина и ефикасно да ја искористи помошта на Европската Унија за да закрепне од последиците од ковид-пандемијата – пренесува „Ројтерс“.

– Без разлика кој ќе победи, големото прашање ќе остане нерешено – какви се изгледите за формирање нова влада. Јасно е дека во моментот нема политичка сила која има не само апсолутно мнозинство туку и доволно голема предност за формирање влада –  оценува Геновева-Петрова од агенцијата „Алфа рисрч“.