Во рамките на „Отворен Балкан“

Правните служби на трите претпријатија за наплата на патарини во Србија, Македонија и во Албанија работат на подготовки за договорот за експлоатација и единствена електронска наплата за возилата од земјите на „Отворен Балкан“, а потпишувањето се очекува на почетокот на септември, најави Зоран Дробњак, директор на „Патишта Србија“.
– Во претходниот период поминавме низ испитување на техничките карактеристики на трите наплатни системи на Србија, Македонија и на Албанија. Трите системи се во согласност со препораките и директивите на Европската комисија, која се занимава и со наплата на патарините во Европската Унија – вели Дробњак.
Претставници на трите земји го подготвуваат текстот на НДА-договорот, со кој се предвидува чување и размена на податоци, како и за потврдување на нивната доверливост.
– По потпишувањето на договорот се очекува и физичко тестирање на апаратите за електронска наплата на патарините, ТАГ-уредите, преку системи за наплата, чија изработка е во завршна фаза. Физичкото тестирање е планирано за август и септември, а потпишувањето на договорот е најавено за почетокот на септември – вели Дробњак.
Со реализацијата на овој проект се предвидува и воведување на попуст од пет отсто за корисниците на возила од Македонија, Албанија и Србија, а тоа ќе важи реципрочно за сите граѓани од трите земји.

Подготвил: Митко Јовановски