Хрватските граѓани конечно бележат добри вести за економијата - Загреб - Фото: ЕПА

Хрватска е една од земјите што најдобро закрепнаа од пандемијата, а реално е најдобра и во ЕУ. Мерено според растот на бруто-домашниот производ (БДП) од последните три месеци од 2019 година, непосредно пред почетокот на пандемијата, во споредба со првите три месеци од тековнава 2023 година, Хрватска е најдобра во ЕУ. Реалниот БДП порасна на 11,8 отсто, што е многу повеќе од просекот на ЕУ (2,9 отсто)

Хрватската економија најбрзо закрепна од
пандемијата во споредба со сите членки на ЕУ

Во 2020 година Хрватска се соочи со еден од најголемите падови на БДП во Европската Унија (ЕУ), првенствено поради големите ограничувања на движењето меѓу државите, а со тоа и на туристичките патувања. Како последица на пандемијата и многубројните мерки што беа воведени за да се спречи или забави ширењето на вирусот, се создаде голем негативен шок за економиите на сите земји во светот. Ограничувањата на движењето на луѓето меѓу земјите и речиси целосното прекинување на воздушниот и патниот сообраќај во одредени периоди особено се почувствуваа во Хрватска, бидејќи туризмот сочинува многу голем дел од економијата на земјата, по што се очекуваше пад на БДП од 8,4 отсто.
Сепак, според повеќе показатели, Хрватска е една од земјите што најдобро закрепнаа од пандемијата, а реално е најдобра и во ЕУ. Мерено според растот на бруто-домашниот производ (БДП) од последните три месеци од 2019 година, непосредно пред почетокот на пандемијата, во споредба со првите три месеци од тековнава 2023 година, Хрватска е најдобра во ЕУ. Реалниот БДП порасна на 11,8 отсто, што е многу повеќе од просекот на ЕУ (2,9 отсто).
Во исто време, тоа е најбрзо закрепнување од сите земји, а само реалниот раст на БДП на Полска (11,2 отсто) може да се спореди со Хрватска. Други земји што забележаа силно закрепнување се Словенија (7,8 отсто), Данска (7,6 отсто), Романија (7,5 отсто), Бугарија (6,8 отсто), Шведска (6,4 отсто) и Грција (5,9 отсто).
Всушност, една земја остварила повисок раст од Хрватска, но тој е испуштен со причина. Станува збор за Ирска, која беше испуштена поради феноменот „леприконова економија“. Проблемот со мерењето на БДП на таа земја е што таа е дом на голем број меѓународни корпорации што работат во ЕУ, кои ја користат Ирска поради нејзините фискални политика како „европски даночен рај“. Рекордниот раст на профитот на компаниите од технолошкиот сектор во 2022 година на тој начин (вештачки) го зголеми растот на БДП на Ирска.
Од податоците може да се заклучи дека помалку развиените земји во ЕУ закрепнале многу подобро од побогатите. Исклучок се Данска, која имаше голем раст на БДП поради порастот на цената на суровата нафта и гасот во 2022 година, и Шведска. Освен тоа што имаше многу помалку мерки против пандемијата од другите земји на ЕУ, нема друго објаснување за добрите перформанси на Шведска.
Три земји од ЕУ сè уште не се вратија на нивоата пред пандемијата во однос на сезонски приспособениот реален БДП (последните три месеци од 2019 година). Тоа се Шпанија (-0,2 отсто), Германија (-0,5 отсто) и Чешка (-1 отсто). Истиот проблем го има и Обединетото Кралство (-0,5 отсто).

Силен раст на хрватскиот извоз

Дека станува збор за реален економски раст, а не само за статистички калкулации, може да се утврди од податоците за вредноста на извозот на производите во 2019 и 2022 година. Треба да се нагласи дека во споменатиот период поскапеа сите производи, особено во 2022 година, така што голем дел од овој раст едноставно се однесува на растот на цените. Сепак, растот е преголем, а варијацијата меѓу земјите преголема, за сѐ да биде резултат на поскапувања.
Во 2022 година Хрватска остварила 24 милијарди евра извоз на производи, додека во 2019 година биле остварени 15 милијарди евра. Тоа дава раст од 60 проценти, но не е приспособен за разликата во цените, па реалниот раст е помал. Но тоа не значи дека реалниот раст на извозот не бил силен, туку само дека бил нешто помал од 60 отсто, како што кажуваат податоците за вкупната вредност.
Така, Хрватска е во друштво на пет земји од ЕУ што го зголемија извозот на производи за 60 проценти или повеќе во периодот од 2019 до 2022 година. Рекордер е Словенија (65 проценти раст), потоа Летонија (64 проценти раст), Грција (62 проценти раст) и Бугарија (60 проценти раст).

Пандемијата донесе лоши, но и добри работи за Хрватска

Од избувнувањето на светската криза во 2008 година, хрватските граѓани немаа забележано добри вести за економијата. Сосема разбирливо, имајќи предвид дека Хрватска излезе од таа криза дури во 2015 година, уништена од катастрофалните економски и политички потези на раководството во тој период. Во однос на БДП по жител, Хрватска во тој период се оддалечуваше од просекот на ЕУ. Само по неколку години економски раст доаѓа нов шок, глобална пандемија. Поради стопирањето на туризмот во Европа, затворањето на границите, откажувањето на летовите и честопати целосната забрана за напуштање на земјата, Хрватска доживува голем економски удар во 2020 година.
Но една работа одеше во корист на Хрватска, а тоа беше сознанието на корпорациите од САД и ЕУ дека со спроведувањето на политиките за аутсорсинг во последните децении, односно преместувањето на производството во Кина, нивните синџири на снабдување станаа премногу растегнати и ранливи. Полека, но сигурно, започна процесот на преместување на синџирите на производство и снабдување во земји географски поблиску до главните пазари во Западна Европа и САД. Тоа значително ги намалува синџирите на снабдување и го минимизира ризикот од непредвидени околности, а го скратува и периодот потребен за снабдување на главните пазари. Една од земјите што имаа корист од тоа е Хрватска.
Иако глобалната трговија релативно добро се справи со екстремно тешките услови создадени од земјите во 2020 и 2021 година, немаше големи пробиви. Имаше краткорочен недостиг од некои потреби, но најмногу предизвикан од потребата за целосна промена на производствените процеси и преориентација кон други пазарни сегменти.


Неколку забелешки во врска со бруто-домашниот производ на Хрватска

Оваа година се очекува рекордна туристичка сезона во Хрватска, дури подобра од 2019 година по бројот на ноќевања, што треба да даде дополнителен поттик за силниот раст на хрватската економија. Како што покажуваат податоците за извозот на производи, за силното закрепнување досега првенствено треба да ѝ се заблагодари на хрватската индустрија, но се очекува исклучително силен придонес и од туризмот.
Иако Хрватска бележи напредок во последните години, така што моментално е на 70 проценти од просекот на ЕУ во однос на БДП по жител (во времето на последната криза беше десет процентни поени помалку), сепак има многу простор за подобрување.
Но, само за потсетување, важно е да се знае „што е и што не е БДП“. Имено, тоа што порасна за 11,8 отсто во периодот од последните три месеци (во споредба со тримесечјето на 2019 година со првите три месеци од 2023 година), не значи дека животот во Хрватска денес е десет отсто подобар од пред пандемијата. Експертите посочуваат дека треба да се истакне фактот дека „целта на БДП не е да го мери квалитетот на животот, туку само интензитетот на економската активност во една земја. Тоа е еден вид агрегат на сите други показатели и варијабли. Тој е во силна корелација со индикаторите што го мерат квалитетот на животот и благосостојбата (просечен животен век, ниво на образование, плати итн.)“.
За споменување е дека во Хрватска иако е јасно дека некои работи се подобрија (раст на платите, пад на невработеноста), тоа не ја исклучува можноста некои работи да се влошат. А „неколку добри години“ не се доволни за да се почувствува поголемо подобрување на квалитетот на животот и благосостојбата, растот треба да биде силен и одржлив неколку години. Како што се чувствува падот на БДП во подолг период (како во Хрватска од 2009 до 2015 година), така се чувствува и растот. Но тоа треба да се одржува долго време со паметни политики и одлуки, велат експертите по економија.

Ангел Митревски Наш соработник од Хрватска