По повеќе од четири часа дебата Движењето за права и слободи, ГЕРБ и бугарските социјалисти со 123 гласа „за“ од трите партии, денеска ја вратија употребата на хартиеното гласачко ливче и целосно го откажаа претходното машинско гласање на изборите во Бугарија, јавува дописникот на МИА од Софија.
На овој начин трите парламентарни партии кои сакаа бугарските гласачи да имаат избор на кој начин да гласаат со машини или со хартиени гласачки ливчиња, во суштина им го одзедоа тоа право.
Според прифатениот предлог на Движењето за права и слободи, укинувањето на претходното машинско гласање ќе стапи на сила за локалните избори есента 2023 година, а претстои да се гласа за тоа дали од следната година ќе се воведат уреди за скенирање за броење на гласачките ливчиња. Доколку овој предлог не добие поддршка, сосема е можно од локалните избори па натаму гласањето да биде само со хартиени гласачки ливчиња.
Од говорницата на Народното собрание претседателката на пратеничката група на ГЕРБ, Десислава Атанасова, објасни дека доколку не се прифати предлогот на ДПС за уреди за скенирање, пратениците ќе го прегласаат овој став за да се врати машинското гласање.
Во меѓувреме, „Демократска Бугарија“ и „Промените продолжуваат“ ги повикаа своите поддржувачи на своите Фејсбук страници вечерва да излезат на протест на плоштадот пред Народното собрание во Софија и да протестираат против враќањето на хартиеното гласачко ливче и да останат цела ноќ за да се спречи неговото конечно донесување во Изборниот законик.