Фото: Фејсбук/Страница на Ружа Игнатова

Бугарката Ружа Игнатова (42) во јуни 2016 година се нарекуваше „криптокралица“ и ја промовираше нејзината компанија „Онкоин“ како исплатлив ривал на биткоинот на растечкиот пазар на криптовалути, пишува „Си-ен-ен“.

– За две години никој веќе нема да зборува за Биткоин – кажа Игнатова тогаш во Лондон, на што инвеститорите регираа со аплауз.

Шеснаесет месеци подоцна, Игнатова се качи на авион за Софија и оттогаш не е видена.

Властите велат дека „Онкоин“ беше пирамидална шема која ги измами клиентите за четири милијарди долари откако Игнатова ги убеди инвеститорите од САД и ширум светот да вложат големи пари во компанијата. Американските федерални обвинители ја опишуваат „Онкоин“ како една од најголемите меѓународни шеми за измама што некогаш се појавиле.

Игнатова сега е меѓу десетте најбарани бегалци од страна на ФБИ, како единствена жена на листата.

Игнатова и нејзините соработници ги измамија клиентите со тврдењето дека „Онкоин“ ќе биде „убиец на биткоинот“, според американскиот обвинител Демијан Вилијамс.

– Всушност криптовалутата Онкоин беше потполно безвреден“. Нивните лаги беа осмислени со единствена цел да ги убедат луѓето ширум светот да ги дадат нивните тешко заработени пари – вели Вилијамс.

Игнатова исчезна во октомври 2017 година и нејзиното лице се најде на потерниците и во светските медиуми. Таа е и меѓу најбараните бегалци во Европа. Игнатова е германска државјанка родум од Бугарија.

ФБИ верува дека Игнатова патува со оружена придружба и оти можеби имала пластични операции или го променила изгледот.

Судските документи за случајот укажуваат дека Игнатова и коосновачот на „Онкоин“, Карл Себастијан Гринвуд, наводно го покренале нивниот проект, знаејќи дека станува збор за пирамидална шема.

Комуникацијата преку мејл помеѓу Гринвуд и Игнатова, според судските документи, открива дека тие ги нарекувале инвеститорите „идиоти“ и велеле дека се „луди“.

Помеѓу крајот на 2014 и крајот на 2016 година, инвеститорите вложија повеќе од четири милијарди долари во компанијата „Онкоин“ која веќе не е активна, според податоците на американското обвинителство.

Измамата почна да се разоткрива во 2016 година кога инвеститорите имаа потешкотии за да ги продатат криптовалутите Онкоин, со цел да ги вратат вложените пари. Игнатова беше обвинета за измама во САД во октомври 2017 година, при што се соочува со неколку прекршоци кои поединечно носат максимални затворски казни до 20 години.

Таа избега со комерцијален лет од Софија кон Атина, на октомври 2017 година. Оттогаш не е познато каде се наоѓа. ФБИ верува дека е можно да патувала во Обединетите Арапски Емирати, Германија, Русија, други дестинации во Источна Европа, а можеби и во Бугарија. Се нуди награда од 100 илјади долари што ќе придонесе за нејзино апсење. Уапсени се дел од нејзините соработници, како и нејзиниот брат Константин Игнатов.