Фото: Влада

Во долга објава на Фејсбук, копретседателот на „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) Кирил Петков им се извини на гласачите бидејќи не го исполни ветувањето за тоа дека во кабинетот составен со вториот мандат дека нема да има претставници на ГЕРБ. Неговата изјава доаѓа откако пред еден ден и официјално беше објавено дека со вториот мандат ПП-ДБ и ГЕРБ ќе формираат влада, која ќе има ротирачки премиери по девет месеци. Прво функцијата ќе ја извршува Николај Денков од ПП, а потоа и Марија Габриел од партијата на Бојко Борисов.

-Мора јасно да се признае дека ветувањето дека нема да има ниту една личност поврзана со ГЕРБ во идниот кабинет со втор мандат, не се одржа кога е во прашање Марија Габриел. Ако нашите пријатели и гласачи се почувствуваа лошо поради овој факт, се извинувам – напиша Кирил Петков по повод договорот со ГЕРБ.

Според Петков, Габриел е клучот што овозможува да се конструира моделот со ротирачкиот премиер.

-Таа е личност која има неспорни квалитети и компетентност во Брисел. Никој да не се лажи, за еврозоната и Шенген да не останат само зборови, некој треба да ги направи во Европа. Мислам дека и најголемите критичари на ГЕРБ не може да негираат дека Марија Габриел има повеќе искуство од многу други за да ги исполни овие две задачи во Европа. Лично верувам дека со неа како вицепремиер и министер за надворешни работи во првите девет месеци, а потоа и како премиер, ќе ни даде реална шанса ова да се случи – напиша копретседателот на ПП.

Во својата објава на Фејсбук, Петков пишува дека договорот со ГЕРБ не бил коалициски и дека идејата за ротација е создадена токму затоа што немало начин ПП-ДБ да коалицира со партијата на Борисов.

Во реалноста, сепак, токму овие две пратенички групи стојат зад мнозинството што ќе го поддржи идниот редовен кабинет.