Фото: Маја Јаневска-Илиева

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел изјави дека на 14 септември во Брисел ќе се одржи нова рунда разговори на високо ниво меѓу Србија и Косово.

Тој на прес-конференцијата по неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Толедо рече дека средбата ќе биде уште еден обид за решавање на ситуацијата, пренесува „Танјуг“.

– На 14 септември ќе бидам домаќин на нова средба во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина на ниво на лидери, на која ќе бараме решенија за актуелната ситуација –  изјави Борел.

Борел рече и дека една од темите на состанокот е проширувањето на Европската унија, како и дека шпанското претседателство со ЕУ предложило следниот месец да се одржи министерски состанок за земјите од Западен Балкан, а министрите се согласија дека тоа треба да се случи.