На националните интереси на Србија, како кандидат за членство во Европската унија, им штети тоа што не ја усогласи својата политика со санкциите и надворешната и безбедносната политика на ЕУ, изјави денеска во Брисел шефот на европската дипломатијата, Жозеп Борел.
Сумирајќи ги заклучоците од денешната седница на министрите за надворешни работи на Унијата и нивната неформална средба со министрите од Западен Балкан, Борел го пренесе ставот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ дека кандидатите за членство од Западен Балкан „мора да го фатат моментумот во процесот на проширување, создаден од поволниот напредок на Украина“, која доби кандидатски статус.
Тесните врски со Русија и непочитувањето на санкциите воведени од ЕУ против Москва се некомпатибилни со процесот што ја води Србија кон членство во ЕУ, додаде Борел и го пренесе ставот на министрите на Унијата дека Русија се обидува да „го попречи европскиот пат на кандидатите од Западен Балкан“, пренесе Бета.
Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, најави дека министрите се осврнале и на дијалогот меѓу Белград и Приштина и јасно ставиле до знаење дека „брзото спроведување на договорот меѓу двете страни е единствениот начин за нормализирање на односите“.
Според него, тие, исто така, посочиле дека „мора да престанат интензивирањето и меѓусебните провокации“ и оти мора да престанат „негативното однесување и недостигот на конструктивност“.
– Беше истакнато дека за кандидатите за членство во ЕУ кои не се согласуваат со санкциите на ЕУ против Русија, а особено ќе ја истакнам Србија, одржувањето блиски врски со Русија не се совпаѓа со нивниот процес за влез во Европската унија. Тоа исто така им нанесува штета и на сите нивни национални интереси, но секако не е компатибилно со процедурата што води кон влез во ЕУ – рече Борел.
Тој укажа дека ЕУ сака да го забрза проширувањето и оти министрите на Унијата испратиле „силна порака“ дека партнерите од Западен Балкан „мора да го фатат моментумот во процесот на проширување, создаден од поволниот напредок на Украина“.
– Украина напредува и тие треба да го следат тој пат и истата брзина. Сега е време да се забрзаат реформите, да се усогласат со европските норми и да се подготват нивните општества за членство. Тоа е единствена можност што мора да се искористи, додаде тој.
Борел рече дека министрите на денешната средба „посебно се осврнале“ на дијалогот меѓу Белград и Приштина и презентирале дека членството во ЕУ значи соработка „и заедничко дејствување при надминување на сите тешкотии од минатото“.
Шпанскиот министер Хозе Мануел Албарес Буено рече дека ги информирал шефовите на дипломатиите од Западен Балкан, како и министрите за надворешни работи на Унијата и Борел, за намерата на Мадрид да организира состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ и Западен Балкан во октомври.
Хрватскиот министер Гордан Грлиќ Радман по средбата изјави дека Хрватска и некои други членки на ЕУ предложиле вакви неформални состаноци на дипломатите ЕУ-Западен Балкан да се одржуваат двапати, а не само еднаш годишно, бидејќи односите меѓу двете страни станале „особено важни“ во услови на руската агресија врз Украина.
На средбата, министрите на земјите членки на ЕУ и Борел укажаа на важноста од реформите и зајакнувањето на демократијата и дијалогот во регионот, рече Грлиќ Радман.