Главна тема на неформалниот состанок во Брисел на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во рамките на Советот за надворешни работи беа актуелните состојби во земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси во контекст на неоправданата руска агресија врз Украина.
Во рамките на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, со кој заседаваше високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, се зборувало за влијанието на Русија на Западен Балкан, која, според него, се обидува да ги исфрли од европскиот пат земјите од регионот.
– Сакаме да напредуваме кон проширувањето и пративме силна порака дека треба да го искористат моментот во процесот на проширување создаден од брзиот напредок на Украина. Украина напредува. Тие (се мисли на земјите од Западен Балкан) треба да го следат овој пат со исто темпо. Сега е време тие да ги забрзаат реформите, да се усогласат со стандардите на ЕУ и да ги подготват своите општества за пристапување. Постои можност, единствена можност. Треба да ја искористат – порача Борел.
Тој ја предупреди Србија дека евроатлантските аспирации не се совпаѓаат со односите што ги има земјата со Русија.
– Ги поздравуваме стратегиските и храбри избори на некои од нив што се целосно усогласени со санкциите (кон Русија). Исто така, им укажавме на оние што сè уште не ги почитувале, или воопшто не ги почитувале, а особено би ја посочил Србија, дека одржувањето блиските врски со Русија не е компатибилно со нејзиниот процес за пристапување во ЕУ, тоа е исто така штетно за националниот интерес на Србија – посочи Борел.
Министрите на ЕУ се осврнале и на процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Во таа насока, Борел изјави дека треба да им се стави крај на „меѓусебните провокации, негативната атмосфера и недостигот од конструктивност“.
На состанокот учествуваше и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, кој, како што се наведува во официјалното соопштение од македонското МНР, изјавил дека Македонија е пример во регионот за компромисно решавање на отворените прашања и дека земјата вложува напори во исполнување на критериумите за членство во Унијата.
– Иако не сме директно на бојното поле, сепак сме на бојното поле на наративи и дезинформации и мораме да ги избегнеме овие обиди и да се отвориме за можности преку помирување, дијалог, надминување на наследството од минатото и решавање на споровите со разбирање, почит и заемно прифатливи решенија – изјавил Османи.
Од почетокот на руската агресија врз Украина, земјите од регионот, со исклучок на Србија, се усогласија со политиката на санкции што Брисел ја воведе кон Москва. Србија е единствената земја што не воведе ниту една рестриктивна мерка против Русија, во согласност со одлуките на Европската Унија. Брисел очекува земјите-кандидати за полноправно членство постепено да ги усогласуваат своите политики со политиките на ЕУ.