Фото: Игор Бансколиев

Во последните десет години, Бугарија и Романија, кои се членки на ЕУ, постигнале напредок во животниот стандард

Граѓаните на Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и на Србија се наоѓаат на дното на европската листа според животниот стандард. Според податоците на официјалната статистика во 2020 година, за која постојат целосни податоци за куповната моќ на граѓаните во Европа, земјите од Западен Балкан се далеку под просекот на Европската Унија. Највисок животен стандард имаат граѓаните на Луксембург, кој има 160 отсто повеќе од просекот на Унијата.
Најлош стандард во Европа, во 2020 година, според мерењата на Евростат, имале Албанците, кои оствариле 30 отсто од просекот на ЕУ. По нив се граѓаните на Босна и Херцеговина со 33 отсто, а Македонија остварила 38 отсто од европскиот просек. Србија во последните десет години стагнирала, а може да постигне напредок во 2021 година, кога има остварено економски раст од 7,5 отсто. Оваа земја во 2020 година имала 40 отсто од просекот на ЕУ, додека Црна Гора била со 42 отсто од просекот на животниот стандард на ЕУ.
Во последните десет години, Бугарија и Романија, кои се членки на ЕУ, постигнале напредок во животниот стандард, од неколку десетини евра плата што ги остварувале во 2011 година, нивните граѓани ги дуплирале платите. Стандардот на Романија во 2012 година изнесувал 54 отсто од европскиот просек, на Бугарија 47 отсто, а на Србија 40 отсто од европскиот просек. Десет години подоцна, Србија постигнала напредок од три отсто, а Романија во 2020 стигнала до 72 отсто. Бугарија истата година имала 55 отсто од просекот на ЕУ.

Хрватска, која пред девет години влезе во Унијата, не остварила значителен напредок во порастот на животниот стандард. Хрватските граѓани пред влегувањето имале 61 отсто од стандардот на ЕУ, а во 2020 година стигнале до 64 отсто.
Економистот Саша Ѓоговиќ вели дека заостанувањето на Србија и на земјите од регионот, во однос на животниот стандард во Европа, го гледа во нетрансформираниот јавен сектор и големото учество на државата во јавната економија, како и поради негативната селекција на кадри, што оневозможува да се постигне инвестициски циклус, во кој би се вклучиле и другите мали и средни претпријатија. Како ограничувачки фактор се покажа и субвенционирањето на странските инвестиции во трудово интензивните дејности, во кои се бара евтина работна сила.
Најдобар стандард од европскиот просек во 2020 година имале Луксембург, Ирска, Швајцарија, Норвешка и Данска.

Подготвил: Митко Јовановски