Фото: принтскрин/ РТС Вести

Aмериканскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, денеска по средбата со претседателката на Косово Вјоса Османи, изјави дека се уште има непознати детали за инцидентот во селото Бањска и предупреди дека може да се очекуваат и „други слични инциденти“. Според него, безбедносните институции работат на расветлување на околностите.

– Се уште не можам да зборувам за последиците, поминаа 48 часа од нападот. Некои работи ги знаеме, а некои не. Тоа беше голем напад и инцидент. САД тесно соработуваат со Косово. Знаеме дека тоа беше напад на добро обучена група со воена опрема. Знаеме дека некои од напаѓачите се убиени, а некои избегале. Ова е обучена и организирана група и зад нив стои некој кој ги опремил со тешко вооружување – рече американскиот амбасадор.

Ховениер нагласи за координација на косовската полиција со КФОР и ЕУЛЕКС.

– Има силна координација меѓу косовската полиција, КФОР и ЕУЛЕКС. Ова беше голем напад на Косово со трагични последици. Ние сме со народот на Косово и работиме сторителите да се изведат пред лицето на правдата.

Американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил денеска изјави дека амбасадорите на Квинтата сметаат дека ситуацијата на северот во Косово е многу опасна и ќе бидат потребни дополнителни напори за да се најде причината за целата ситуација.

– Тоа е трагичен настан и сите мора да го осудиме убиството на припадникот на косовската полиција. Се разбира, ние секогаш жалиме за загубените животи, но важно е да се запамети дека мора да продолжиме со политичкиот процес. Мислам дека се во тек процеси за дополнително поттикнување на дијалогот – изјави Хил.

Неговата изјава беше дадена по новинарско прашање да ја коментира средбата на амбасадорите на Квинтата и како тој гледа на ситуацијата на Косово.

Хил истакна дека може да каже дека ситуацијата се третира многу сериозно и дека има бројни дискусии и разговори за следните чекори што треба да се преземат.

– Дипломатскиот процес мора да се зајакне во наредните денови и недели – рече Хил, пренесоа белградски медиуми.