Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владата на денешната седница, на предлог на Министерството за економија, донесе одлуки за намалувања на маржите кај овошјето и зеленчукот, со што цените се очекува дополнително да се намалат до 30 проценти. Укинати се увозни давачки за млекото и павлаката, што се очекува да се одрази со намалување на цените и на овие производи. А, гарантирана цена е утврдена во продажбата на вода, негазирани и газирани безалкохолни пијалоци и пива, соопшти владината прес-служба.

Конкретно, Владата одлучи со посебна одлука да се пропише највисока трговска (профитна) маржа за овошјето и зеленчукот. И денеска е донесена Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со што се определува највисоката трговска (профитна) маржа, како посебен услов во трговијата со свежо овошје и свеж зеленчук. За сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо, се утврдува највисоката трговска (профитна) маржа во вкупен износ до 10%, а во трговијата на мало се утврдува во вкупен износ до 15%. Предвидено е одлуката да се применува до 30 ноември 2023 година, а влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“.

Владата донесе и одлуки со коишто се предлага времено намалување увозни давачки со цел намалување на цените на повеќе производи.

Донесени се одлуки за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук и ориз, за укинување на увозните давачки за увоз на агруми, свежи или сушени, односно на: лимони, портокали, мандарини, грејпфрут, како и за укинување на увозната давачка – царинската стапка за увоз на млеко и павлака.

На денешната седница, Владата донесе Одлука и за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, односно за определување највисоки цени во трговијата на големо и трговијата на мало за: минерална негазирана и газирана природна изворска вода, на газирани и негазирани пијалоци (сокови), со исклучок на енергетски пијалоци, како и на светло пиво (во пакување од 0,33 л во лименка; 0,5 л во стаклено шише и 1,5 л во пластично шише и лагер пиво).

Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) коишто се применувале на 19 септември 2023 година, во трговијата на големо, а коишто цени се намалуваат најмалку за 10%. Трговците за вршење дејност трговија на мало, се должни да ги утврдат цените во трговијата на мало за овие производи согласно висината на процентот наведен во оваа одлука, а производите коишто се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, којшто е објавен на веб-страницата на Министерството за економија. Одлуката влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“ и е предвидено да се применува до 30 ноември 2023 година.