Албанија стана полноправна членка на механизмот за цивилна заштита на Европската унија, објави премиерот Еди Рама.
– Албанија ги исполни сите услови и стана полноправна членка на Европскиот механизам за цивилна заштита, што значи дека секоја наша природна катастрофа е истовремено и природна катастрофа на Европската унија, која веднаш го става во движење европскиот механизам за заштита, ангажирајќи за Албанија средства, луѓе и средства за справување со вонредни состојби – напиша Рама на Фејсбук.
Додава дека “денеска сме чекор поблиску до ЕУ, а ЕУ е чекор поблиску до нас, на пат кој секој ден станува се позаеднички”.
– Благодарност до европскиот комесар за управување со кризи, Јанез Ленарчич, без чија поддршка ова значајно достигнување сè уште би било нереализирано – посочува Рама.
Рама барањето за прием во овој европски механизам, лично му го предаде на Ленарчич, при неговата посета на Тирана на 14 јуни годинава.
Дел од овој механизам се 27-те земји членки на ЕУ како и Македонија, Исланд, Норвешка, Турција, Србија, Црна Гора а сега и Албанија.