Еден полицаец е убиен, а друг е тешко ранет во престрелка со крадци на автомобили, која се случила завчеравечер, во населбата Алипашино Поље, во Сараево. Како што објавија медиумите во Босна и Херцеговина, неколку лица што краделе автомобил „фолксваген голф 6“ почнале да пукаат од автоматско оружје кога наишла полициска патрола што вршела редовна контрола. Разбојниците веднаш отвориле оган од „калашникови“. Од истрелите еден полицаец загинал на самото место, а друг е сериозно повреден и лекарите се борат за неговиот живот. Убиен е полицаецот Адис Шеховиќ, а ранет е Давор Вујновиќ.

Се претпоставува дека убијците се припадници на автомобилската мафија. По убиството, разбојниците избегале со два автомобила, „ренџ ровер“ и „голф 5“. Полицијата се сомнева дека истата банда во текот на ноќта се обидувала да украде уште еден автомобил.

Полноќната драма се одвивала на паркинг, а полицајците во текот на редовната контрола наишле на крадците. Еден од разбојниците употребил огнено оружје и на самото место го застрелал едниот полицаец, а неговиот колега бил тешко ранет, објави „Аваз“.

Зоран Чегар, командант за поддршка во Единицата за заштита на лица и објекти во Федералната управа на полицијата, изјави дека е во шок по нападот на полициската патрола.

– Ова е премногу страшно. Мислам дека го допревме дното. Се прашувам кој е следен од моите колеги. Го видов колегата што лежеше изрешетен. Ова е страшно. Сега политичарите или функционерите нека излезат и нека кажат дека никој не смее да подигне прст на полицијата. Сега на нив ќе дигаат „калашникови“. Пред некој ден бев повреден во една слична акција. Никој раководител не ме праша ништо – изјави Чакар за порталот Кликс.ба.

Полицијата на Република Српска активно соработува со колегите од кантонот Сараево за да се пронајдат сторителите, за што се упатени дополнителни полициски сили. Има информации дека членовите на автомобилската мафија преминале на територија на Република Српска.

Мирна Миљановиќ, началничката на Одделението за односи со јавност на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, изјави дека засега не може да објави кој стои зад извршувањето на ова кривично дело што се случи во Сараево.