Алексис Ципрас ќе мора да најде начин да ја извлече својата партија од бездна откако во неделата доживеа пораз од девет процентни поени од опозициската Нова демократија на изборите за Европскиот парламент.

– По вториот круг на локалните изборите ќе побарам од претседателот веднаш да свика национални избори – изјави Ципрас во ТВ-обраќањето, по објавувањето на резултатите од изборите за Европскиот парламент.

Најверојатниот датум за предвремените избори е 30 јуни, прогнозираат медиумите во земјата.
На европските избори, Сириза освои околу 24 отсто од гласовите, наспроти 33 проценти на Нова демократија.

На локалните избори, првичните резултати покажуваат дека опозициската партија на Кирјакос Мицотакис освоила најголем дел од 13 региони во земјата.
– Грција испрати силна порака, народот повеќе не им ја дава довербата – изјави Мицотакис.

Кандидатите на Нова демократија водат и во трката за градоначалници на Атина и на Солун, каде што ќе биде потребен втор круг.
– Грците ќе одлучат што ќе се случува понатаму. Ние ја поставивме економијата на здрави нозе, но резултатите за нас се под очекувањата. Никогаш не ѝ личело на СИРИЗА да ги игнорира резултатите и нема да ги игнорираме ниту сега – рече грчкиот премиер.