Поради влошувањето на состојбата со ширењето на инфекции од ковид-19, владите од регионот викендов беа принудени да ги ревидираат одлуките со кои првично беше најавено слободно движење на граѓаните меѓу земјите на Западен Балкан, без покажување негативен ПЦР-тест на граничните премини

Ревидирани одлуките на државите од Западен Балкан за слободно движење на граѓаните

Ревизијата на одлуките на владите и здравствените власти на Косово, Србија, Црна Гора и на Босна и Херцеговина по новото влошувањето на состојбата со пандемијата на ковид-19 во регионот, дека за слободно патување меѓу земјите сепак ќе биде потребен негативен ПЦР-тест предизвика нов колективен стрес кај граѓаните од повеќе држави на Западен Балкан.
Имено, по првичната најава за укинување на ПЦР-тестовите и отворање на границите, експресното враќање на одлуката за задолжителен негативен ПЦР-тест за влез во соседната држава создаде вистинско негодување, а во некои земји дури и дополнителна конфузија и проблеми на граничните премини. Засега единствено меѓу Македонија и Косово останува одлуката за слободен влез на граѓаните без приложен негативен тест на граничните премини. Според неофицијални извори, во согласност со новонастанатата епидемиолошка состојба во регионот, во деновите што следуваат можно е да се ревидира и таа одлука за слободен проток на државјаните на Косово и Македонија.
Како што пренесуваат медиумите, најдраматично е во Црна Гора, додека во Србија, според здравствените власти, има мало зголемување на бројот на новоинфицирани, односно статистички тие сè уште се „најдобри во регионот“.
Бројките што пристигнаа во саботата и во неделата од регионалните референтни лаборатории за дијагноза на коронавирус не се охрабрувачки и едно е јасно, дека регионот влезе во нов бран на епидемија. Српскиот портал „Србија данас“ пишува дека ако се тргне од фактот дека т.н. викенд-тестирањата „вообичаено се прават помалку на број, тогаш бројките воопшто не се добри“.

Во таков контекст, Хрватска викендов забележа речиси 1.000 нови случаи на инфекција, од кои речиси половината се во главниот град Загреб.
„Јутарњи лист“ јавува дека во таа насока националниот кризен штаб воведе нови мерки на крајот од минатата недела, чие дополнително засилување се очекува од денеска. Според хрватскиот весник, маските се задолжителни на јавен затворен простор, вклучувајќи угостителски објекти, јавен превоз, деловни субјекти и владини агенции, но и на отворен простор, каде што не е можно да се држи растојание.
Училиштата во Хрватска претежно продолжуваат да работат со нормален режим на настава, иако им беше понудено да работат според еден од постојните три можни модели – редовна, комбинирана и онлајн настава.
Примерот во Босна и Херцеговина е карактеристичен по тоа што вториот бран никогаш не се смирил. Оваа земја, според хрватските медиуми, бележеше нагорен тренд на бројот на новоинфицирани лица во текот на летото, иако тестирањата сè уште се ниски и сè уште се тестираат помеѓу 1.500 и 2.000 на ден. Она што особено загрижува во БиХ е смртноста, иако ситуацијата малку се смири за време на викендот, каде што, според хрватските медиуми, минатата недела во земјата два критични дена кога само во петокот починаа дури 13 лица од последиците на овој вирус. БиХ, според официјалните информации, досега тестира околу 255.000 луѓе.

Инаку, граѓаните на Македонија нема да можат да патуваат во Србија, Црна Горна и во Босна и Херцеговина без приложување негативен ПЦР-тест, соопшти Владата. Одлуката на бугарската влада за задолжителен ПЦР-тест сѐ уште е во сила и важи до 30. ноември. Македонската влада викендов ги извести граѓаните дека во согласност со влошувањето на состојбата со пандемијата на ковид-19 во регионот и големиот број нови позитивни случаи, влезот на македонски граѓани во Србија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина нема да биде дозволен без приложување негативен ПЦР-тест што не е постар од 48 часа од моментот на влез во овие земји. Сепак можноста за влез на македонски државјани во Косово без ПЦР-тест останува, но Владата апелира до граѓаните да не патуваат надвор од земјата доколку немаат неодложна потреба за тоа. Исто така, Владата и здравствените власти, во согласност со новонастанатата епидемиолошка состојба во регионот, во деновите што следуваат ќе ја ревидираат одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и на Босна и Херцеговина во Македонија без ПЦР-тест.

Претходно, владини претставници од регионот, вклучувајќи и од земјава, најавија дека од почетокот на викендот границите во овој регион ќе може да се минуваат без покажување негативен тест за коронавирусот. Во саботата ваквата одлука беше широкоприфатена и поздравена од челниците на земјите од опкружувањето, но по неделните високи бројки на нови инфекции од коронавирусот, некои од владите веднаш ги ревидираа одлуките од минатата недела. Единствено Министерството за здравство на Косово вчера објави дека врз основа на реципроцитет, граѓаните од Македонија ќе може да влезат во таа земја без ПЦР-тест. Албанија, пак, и во изминатите месеци не бараше тест за патници од Македонија, што резултира со зголемен број македонски туристи во таа земја во текот на летните месеци.