Атина – Во Грција стапи во сила забраната за пушење на јавни места, а казните се движат од 100 до 10.000 евра. За пушење во приватен автомобил, во кој има дете помало од 12 години, казната е 1.500 евра. Ако станува збор за службен автомобил, казната е 3.000 евра. („Политика“)

Сараево – По одлуката на Претседателството на БиХ за усвојување на Планот за реформи за НАТО, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави дека Република Српска не сака да се приклучи кон НАТО и повтори дека нејзината политика останува политиката на неутралност. („Аваз“)

Загреб – Хрватска се најде повторно на дното на листата на задоволни граѓани, која ја прави Еуростат. Задоволството од финансиската состојба на Хрватите во 2018 година изнесува 5,1, на скалата од еден до десет. („Јутарњи“)

Подгорица – Лековите што се наоѓаат на позитивната листа во аптеките во Црна Гора се поскапи од лековите што се продаваат во Србија и во Босна и Херцеговина, што се должи на постоењето на таканаречени тендерски и комерцијални цени. Лековите за дијабетес, ангина пекторис и за глауком се двојно поскапи отколку во српските аптеки. („Вијести“)